Фото: Роjтерс

Основачот на ʺМајкрософтʺ, Бил Гејтс и неговата сопруга Мелинда се разведуваат по 27 години брак. Веста беше соопштена во заедничко соопштение на Твитер.

ʺПосле многу размислување и многу работа на нашата врска, решивме да ставиме крај на нашиот брак“, соопштуваат Бил и Мелинда Гејтс, додавајќи дека ќе ја продолжат дејноста на нивната заедничка фондација, која се занимава со кампањи низ целиот свет.

ʺВо текот на изминатите 27 години одгледавме три неверојатни деца и изградивме фондација која работи низ целиот свет за да им помогне на сите луѓе да водат здрав и продуктивен живот“, посочуваат уште двајцата и настојуваат да се уважува нивното право на личен живот.

Според податоци на списанието Форбс, Бил Гејтс е на четвртото место по богатство во светот со состојба од 124 милијарди долари.

Пред него се Џеф Безос (177 милијарди долари), Илон Маск (151 милијарди долари) и Бернард Арно (151 милијарда долари).

Богатството на Бил Гејтс (65), потекнува од компанијата, на која е ко-основач, ʺМајкрософт“, најголемата софтверска компанија во светот.

Мелинда (56) се присоединува кон компанијата како менаџер на продукти во 1987 година. Двајцата се запознаваат истата година, а во 1994 година склучуваат брак на хавајскиот остров Ланаи.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO