Фото: Роjтерс

Со строги мерки заради коронавирусот, ограничувања на посети во џамиите и вечерен час, кипарските Турци денес го започнуваат светиот месец Рамазан за муслиманите.

Молитвите во џамиите во северен Кипар се дозволени при користење само на една третина од капацитетот на просторијата и почитување на растојание од 2 метри помеѓу верниците, маските се задолжителни. Таканаречениот премиер Ерсан Санер ги повика луѓето да се молат во своите домови.

В недела нема да се спроведат религиозни собири, бидејќи тогаш дејствува целодневна целосна забрана за движење, освен за итни и основни потреби.

Во другите денови вечерниот час е од 22.00 до 5.00 часот наутро.

Строгите коронавирусни ограничувања во северен Кипар се до 19 април, но се очекува да бидат продолжени.

Заради коронавирусот, на овој Рамазан нема да се спроведуваат колективните вечери ʺифтар“ (првиот оброк по зајдисонцето) , соопшти главниот муфтија Талип Аталај. Традиционално, тие се даваат во џамии и собираат многу верници на заедничка трпеза.

Муфтијата увери дека нема штетно влијание од вршењето на PCR-тестови за време на постот.

Околу 10.000 пакети со храна обезбедени од Турската црвена полумесечина и Турската амбасада во северна Никозија ќе бидат раздадени на сиромашни семејства.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO