Откако денеска беше изречена пресудата за случајот „Трезор“, обвинителот Трајче Пеливанов побара да му се  одреди мерка притвор екс директорот на УБК, Сашо Мијалков.

Обвинителот образложи дека Мијалков во моментот е во притвор, за предметот „Таргет и Тврдина“, кој истекува на 27 април. Токму затоа, побара на Мијалков притворот да му биде укинат за предметот за масовното прислушување, а да му се одреди за случајот ʺТрезор“.

ʺМијалков е исклучително моќен човек, несомнено се јавува потребата од определување мерка за обезбедување на неговото присуство. Предлагаме на Мијалков да му се определи мерка притвор во овој предмет. Ова го бараме и поради постоење на опасност од бегство, како и тоа дека веќе преку Европол е утврдено дека Мијалков има адреса на живеење во Прага, а и две возила регистрирани на негово име“, рече Пеливанов.

Екс директорот на УБК за предметот ʺТрезор“ доби единствена казна затвор во времетраење од 8 години. Поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски доби 5-годишна затворска казна, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ исто така доби казна затвор од 5 години, а поранешениот началник на Петтата управа во МВР-Горан Грујевски, за кого се чека одлуката од Грција за екстрадиција, заработи казна затвор од 15 години.

 

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO