Политичките сцени на Босна и Херцеговина и Словенија ги разнишаа наводните потези на словенечкиот државен врв, кој, како што пишуваат медиумите во БиХ, има визија за „комплетирање на распадот на Југославија“ и промена на границите на Балканот. Поради тоа на консултации во Претседателството на БиХ била повикана словенечката амбасадорка.

Причина за тоа, како што тврдат во Сараево, повикувајќи се на неименувани извори во Брисел, е документот за приоритетите на словенечкото претседателство со ЕУ, кој словенечкиот премиер Јанез Јанша му го предал на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, а во кој се наведени и насоките за „конечното  распаѓање на Југославија“. На тој начин Јанша наводно сакал да го информира шефот на Европскиот совет за еден од приоритетите на претседателството со Европската унија, кој Словенија ќе го преземе на 1 јули годинава.

Контрадикторни информации за постоењето на спорниот документ засега пристигнуваат од Брисел. Дописникот на „Дело“ од Брисел, Петер Жерјавиќ објави на Твитер дека канцеларијата на Мишел му потврдила дека го добиле „нон-пејперот“ на Јанша,  но половина час подоцна добил информација „Не можеме да потврдиме дека сме добиле „нон-пејпер“.

Сè започна со приказната на порталот Политички.ба, за кој се тврди дека е поврзан со локалната разузнавачка заедница, а кој објави дека Јанша се залага за промена на границите на Србија и Косово според планот Вучиќ-Тачи, кој беше во игра минатата година додека Доналд Трамп беше претседател на САД, но на кој се спротистави Германија. Но како што тврдат, Јанша оди чекор подалеку и предвидува можност за отцепување на Република Српска, анексија на делови од Црна Гора и Северна Македонија со албанско мнозинство на Албанија и припојување на западна Херцеговина кон Хрватска.

Резервна варијанта на наводниот план на Јанша е формирање на три национални републики во Босна и Херцеговина. Србија и Хрватска ќе имаат блиски врски со нивните матични земји, додека бошњачката би добила коридор до меѓународните морски води гарантиран од НАТО.

Политички.ба исто така додава дека словенечкиот премиер не е сам во напорите за редефинирање на границите на Балканот и наводно ја имла поддршката од Унгарија, Хрватска и Полска,  а дека Австрија и Франција би дале зелено светло.

Според порталот, и словенечкиот претседател, Борут Пахор е на иста линија со Јанша и дека, иако наводно се залага за прием на Западен Балкан во ЕУ, всушност мисли спротивно. Тој на состанокот во март во Сараево изнел размислувања за мирно распаѓање на БиХ, но и Северна Македонија. Порталот потсетува дека пахор во септември лани, во Собранието во Скопје рекол дека проширувањето на ЕУ е политичко и геополитичко прашање и оти е  стратешки интерес на Унијата да го прифати регионот на Западен Балкан под нејзино крило што е можно поскоро, но неговите постапки се прилично спротивни.

Словенечкиот 24ur, во меѓувреме, објави дека добил потврда дека спорниот таен документ навистина постои, но се претпоставува дека бил испратен надвор од вообичаените дипломатски канали, па ниту највисоките словенечки претставници во Брисел не го виделе.

Некои нивни извори дури тврдат дека документот ќе го регулира враќањето на поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски од егзил во Унгарија.

Преземено од 24info.mk

 

 

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO