Директорот на ЈП Македонски железници, Хари Локвенец денес изјави дека следната недела се очекува да почне втората фаза од тендерот за избор на изведувач на работите на првите две делници од пругата кон Бугарија, по што на крајот на јуни или почетокот на јули би се направил изборот, за работите да стартуваат во август.

Тој вели дека потребни се околу 700 милиони евра за реализација на пругата кон нашиот источен сосед, а во овие средства не се предвидени дополнителни финансии за непредвидени трошоци.

ʺПари за проектот има 200 милиони грантови од Европските фондови и речиси 500 милиони евра се планираат од кредити. Пругата ќе заврши за време на моето раководство, прво поради ангажманот и посветеноста на екипата која ја водам, а понатаму ја имам и поддршката не само од владата и владините институции, туку и од Европската комисија, рече Локвенец.

Пругата до Бугарија од Куманово до границата е со должина од 89 километри, и е поделена во три делници. Првата е од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар и проценета вредност од 40 милиони евра, втората од Бељаковце до Крива Паланка со должина од 34 километри и вредност од 140 милиони евра, а третата од  Крива Паланка до границата со Бугарија од 24 километри и проценета вредност  од 405 милиони евра.

ʺВо моментов на 700 километри пруги со кои располага МЖ имаме 180 мостови, а само на овие 89 километри се предвидени нови 100 мостови и 40 тунели. Од тие на последните 24 километри се предвидени 50 мостови и 24 тунели. Тоа само по себе покажува за некаква споредба на секој километар би имало по два моста  и по еден тунел, што ја покажува тежината на теренот и вредноста на захтевноста на изведбата што треба да се реализира“, вели Локвенец.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO