Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Заев и Мицкоски денеска ќе остварат средба во Клубот на пратениците.

Заев ја прифати понудата на Мицкоски откако тој јавно го повика на тет-а-тет средба.

ʺДа разговараме за сите оние проблеми кои се од животно значење. Од кризата со пандемијата до работата на парламентот. За се она што отворено во моментов и стои на маса“, рече Мицкоски.

Прашан, дали и другите лидери на политички партии ќе бидат повикани, на што Мицкоски рече дека зборува за тет-а-тет средба помеѓу двајца, двајца лидери од двете најголеми политички партии односно партии кои имаат најголем број пратеници во парламентот.

ʺСе надевам дека нема да бидам погрешно сфатен од страна на останатите политички лидери, бидејќи целта ми е искрена. Целта ми е да постигнеме конценсуз меѓу двете најголеми политички партии“, додаде Мицкоски.

Премиерот најави дека со Мицкоски ќе разговара и за повиците за бојкотирање на пописот и неотворање врата на попишувачите, иако, како што рече, тоа се само поединци.

Заев во петокот изјави дека верува оти по средбата со Мицкоски ќе соопштат дека е најдено решение помеѓу големите политички субјекти за Изборниот законик и воведувањето на отисок на прстот или фингерпринтот на следните избори, а најави и можен договор за вакцинирање на попишувачите.

ʺВерувам дека Собранието многу брзо ќе го стави на дневен ред за да го решиме тоа прашање затоа што имаме уште за работа во Изборниот законик, а тоа е да ги вградиме препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а и да ги определиме изборните модели“, рече Заев.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO