Фото: Роjтерс

Црна Гора побара помош од ЕУ за да врати кредит од 1 милијарда евра од кинеската банка Експорт-Импорт за изградба на автопат до границата со Србија, пренесе Ројтерс, цитиран од БТА.

Заемот од 2014 година за првата фаза од изградбата на автопатот што го поврзува пристаништето Бар на Јадранското море со соседна Србија, која нема излез на море, беше земен со годишна каматна стапка од 2 проценти и 6-годишен грејс период.

Првата транша од заемот треба да се исплати во 2021 година, но патот сè уште не е завршен.

ʺУпативме барање кон финансиските институции на ЕУ да разгледаат модели за потпомагање на нашата земја со цел да се избегне нездраво странско влијание“, кажа заменик-премиерот Дритан Абазовиќ пред парламентот.

Тој истакна дека е логично и одговорно да се размислува за замена на овој заем со поповолен.

Кинескиот заем го зголеми државниот долг на повеќе од 80 проценти од бруто домашниот производ и доведе до зголемување на даноците и делумно замрзнување на платите во јавниот сектор во 2018 година, одбележува БТА.

Абазовиќ кажа дека претходната влада, лојална на долгогодишниот претседател Мило Ѓукановиќ, склучила ʺлош договор“ со Кина и ја поставила земјата во зависна позиција.

Кина ги привлече повеќето земји од Западен Балкан кон иницијативата ʺЕден појас еден пат“ за отворање на трговски врски со Европа.

Пекинг веќе инвестираше милијарди евра во регионот, главно во форма на олеснителни заеми за инфраструктурни и енергетски проекти.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO