Два дена откако од владата порачаа дека кривично ќе се одговара за повикувањето на бојкот на пописот, денеска образложија за кое кривично дело се работи.

ʺПовикувањето и бојкотот на регистрацијата е кривично дело, исто е како да се пружа отпор и непочитување на законите и државните органи, во тој случај се предвидени парични казни или затвор до 5 години за оние кои повикуваат на бојкот“, рече денес владиниот портпарол Душко Арсовски на прес-конференција.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски  на денешната онлајн работилница со новинарите за процесот на попишување, изјавил дека секој оној кој повикува на бојкот на пописот не ѝ мисли добро ни на сопствената држава, ни на сопствените граѓани.

ʺСпоред законот, има казни за некој што ќе одбие да даде податоци. Но, нашата намера не е да казнуваме, нашата намера со пописот не е да собереме пари од казна, туку да собереме податоци. Ова не го правиме за ниедна политичка опција, туку за граѓаните и државата. Ги повикувам сите да не наседнуваат на дневнополитички цели на одредени политички субјекти, зашто на есен има локални извори и сите политички партии се обидуваат да се наметнат со свои политики“, рече Симовски.

Во однос на активностите во дијаспората, досега се самопопишале 137.114 македонски државјани кои живеат во странство, а претставничката на ДЗС Ѓоргиева соопшти дека најголем е бројот во Швајцарија, Германија и Италија, како и дека е забележан и раст во САД и Канада.

Портпаролот Арсовски посочи дека податоците од Пописот се доверливи и заштитени по највисоките стандарди и со учеството во оваа статистичка операција секој придонесува државата да има релевантни и точни податоци, а не претпоставки, за да може да се креираат политики за натамошен развој.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO