Фото: Роjтерс

Во услови на тешка епидемиолошка криза, Грција се подготвува утре да го прослави својот национален празник. Обезбедувањето во главниот град Атина е зајакнато, бидејќи високи гости се очекува да пристигнат во нашиот јужен сосед денес, а утре ќе се одржи воена парада без гледачи.

Започнуваат дводневните прослави во Грција за 200-годишнината од востанието за независност.

Во Атина пристигна кипарскиот претседател Никос Анастасијадис. Денеска се очекуваат и рускиот премиер Михаил Мишустин и британскиот престолонаследник принцот Чарлс и неговата сопруга Камила.

Франција е претставена на прославите од министерот за одбрана.

Атина е под целосно полициско обезбедување. Над 4.000 полицајци го следат редот во центарот на градот. Вклучени се и беспилотни летала и хеликоптери.

Центарот на грчката престолнина е украсен во чест на празникот.

Утре, 25 март, ќе се одржи голема воена парада пред парламентот, на која ќе присуствуваат официјални гости од странство, како и претставници на дипломатските мисии во Грција. Заради тешката епидемиолошка состојба, забрането е присуство на граѓани. На нивните места на трибините се поставени национални знамиња.

За денеска е закажана средба меѓу грчкиот премиер Мицотакис и неговиот руски колега Мишустин на која ќе се разговара за билатералните односи меѓу Атина и Москва, како и за политичката состојба во регионот.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO