Во рамки на првите десетина дена од почетокот на пописот, опфатена е нашата дијаспора.

Оттаму, од Министерството за надворешни работи информираат дека се посебно ангажирани во процесот, имаат отворени линии, со цел граѓаните да можат да се обратат за било каков проблем.

ʺИнформациите се достапни на веб страната на МНР и на веб страните на нашите амбасади“, посочи министерот за надворешни работи Бујар Османи во своето видео-обраќање на неговиот Фејсбук профил.

Османи потенцира дека апликацијата функционира едноставно, со што околу 50 илјади граѓани се самопопишани во првите десет дена, а амбасадите низ целиот свет се ангажирани да направат акциски планови за да можат да стигнат до секој граѓанин.

ʺВо Рим имавме исклучително добри посети. Се сретнавме со наши граѓани и со здруженија на граѓани. Луѓето се посебно заинтересирани за пописот, но и воопшто за враќање на врските во земјата. Следната недела заминуваме за Берн и Шпанија. Затоа е важно да им обезбедиме на луѓето информации, да ги слушаме, да бидеме трпеливи. Луѓето ќе го ценат тоа, а и целиот овој процес е важен за сите нас“, истакна Османи.

Меѓудругото, министерот вели и дека дипломатијата има за цел да обезбеди поголемо учество на дијаспората, со што ќе има правилно мапирање и дистрибуција на граѓаните надвор, како и дека со веродостојни податоци се отвораат нови можности за државата, дијаспората и МНР.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO