Фото: Роjтерс

Папата Франциско замина од Рим на историска прва посета на Ирак. Посетата се толкува како израз на солидарност кон христијанската заедница во земјата, погодена од војни и терористички напади.

Посетата на папата Франциско во Ирак ќе трае четири дена и вклучува симболични места. Уште за денес е предвидена средба на Франциско со локалните власти во Претседателскиот дворец во Багдад, по што ќе одржи говор за време на средба со духовни лица во Католичката катедрала ʺСвета Дева Марија Застапничкаʺ. Таму, во 2010 година, џихадисти од Ал Каеда извршија атентат со десетици жртви.

Околу 10.000 припадници на безбедносните сили ќе бидат стационирани во земјата за обезбедување на папата. Бројот на луѓето кои ќе можат да го видат е многу ограничен поради мерките против пандемијата од коронавирусот.

Ова е прво патување на 84-годишниот папа Франциско надвор од Италија од ноември 2019 година, кога ги посети Тајланд и Јапонија. Четири посети закажани за 2020 година се откажани поради Ковид-19.

Во сабота, папата ќе отпатува за Наџаф, 150 километри јужно од Багдад. Градот е едно од светите места за шиитите бидејќи во него се наоѓа мавзолејот на имамот Али, зет на пророкот Мухамед и основач на шиитскиот огранок на исламот. Во Наџаф, папата ќе се сретне со големиот ајатолах Али Систани, највисокиот свештеник за повеќето шиити во Ирак и сметан за таков од многу шиити ширум светот.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO