Фото: Роjтерс

Близу две третини од Русите не сакаат да се вакцинираат со препаратот ʺСпутник Vʺ, а приближно истиот процент сметаат дека коронавирусот е создаден вештачки како биолошко оружје, покажува проучување на независна социолошка агенција, пренесе Ројтерс, цитирана од БТА.

Центарот ʺЛевадаʺ соопшти дека минатомесечната анкета покажала дека 62 проценти од Русите не сакаат да си постават вакцина од сопствено производство, а најголем е процентот на оние кои не сакаат да користат руски вакцини во возрастната група меѓу 18 и 24 години.

Повеќето испитаници наведуваат странични ефекти, кои може да вклучуваат треска и замор, како основна причина да не сакаат да бидат вакцинирани.

Проучувањето, кое опфаќа 1.601 лица во 50 региони на земјата, исто така, покажува дека 64 проценти од испитаниците сметаат дека новиот коронавирус е создаден како биолошко оружје.

Овој став е доминирачки кај Русите на возраст од 40 до 54 години, од кои 71 процент веруваат дека коронавирусот е вештачки создаден. Само 23 проценти од испитаниците веруваат дека вирусот има природно потекло.

Русија, каде бројот на заразени со коронавирус достигна скоро 4,3 милиони од почетокот на пандемијата, одобри три домашни вакцини против Ковид-19, потсетува Ројтерс.

 

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO