Фото: Роjтерс

Претседателот на САД Џо Бајден изјави дека Косово е специјално место за неговото семејство затоа што неговиот покоен син Бо бил во таа земја, каде што помагал во зајакнувањето на владеењето на правото, пренесе АП.

Зборовите на Бајден се дел од писмо, што тој и го испрати на вршителот на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи, по повод Денот на независноста на Косово. Османи ја откри содржината на писмото денес, посочува БТА.

Косово прогласи независност од Србија на 17-ти февруари 2008 година, десет години по брутална војна меѓу српските сили и сепаратистичките етнички Албанци. Војната заврши по 78-дневна воздушна операција на НАТО со која беа протерани српските сили, по што во Косово влегоа мировни сили.

ʺКосово продолжува да е на специјално место за семејството Бајден во спомен на времето, кога нашиот покоен син Бо го помина таму работејќи да обезбеди мир, правда и владеење на правото за целиот народ на Косово“, вели Бајден во писмото.

Бо Бајден работел во Косово со воените сили по војната таму, како и со Организацијата за безбедност и соработка во Европа. Самиот Бајден го посети Косово во 2016 година на неговото последно патување во регионот како потпретседател. Тогаш тој присуствуваше со неговото семејство на церемонија на крштевање на името на Бо Бајден на пат близу до американската воена база во Косово. Бо Бајден почина на 46-годишна возраст од тумор на мозок.

Во писмото до претседателката на Косово, Бајден освен тоа повикува на сеопфатен договор за нормализирање на односите со Србија, во центарот на кој да стои меѓусебно признавање. Бајден упати сличен апел и до српскиот претседател Александар Вучиќ претходно овој месец.

Повеќето западни земји го признаваат Косово, но Србија и нејзините сојузници Русија и Кина не. Тензиите околу Косово остануваат извор на несигурност за нестабилност на Балканот.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO