Фото: Роjтерс

Во интервју за БиБиСи, посветено на успешниот процес на масовното вакцинирање во Србија, која ги надминува чувствително останатите европски држави, премиерот на земјата Ана Брнабиќ вели, дека нема значење од каде доаѓа вакцината – од Кина, САД или Русија – важното е да е безбедна и ефективна и да пристигне што е можно побрзо.

Образованата во Соединетите Држави Ана Брнабиќ, стана првиот европски лидер вакциниран со Фајзер-Бионтех, русофилот внатрешен министер беше инјектиран со руската ʺСпутник Vʺ, а министерот за здравство ја доби кинеската ʺСинофармʺ.

Така започнува репортажата на Би-Би-Си, во која се истакнува дека тоа е начин да се покаже на скептичното српско население дека вакцинирањето е безбедно. Тоа меѓутоа е и илустрација за пристапот кон јавните набавки што ја постави Србија на чело во натпреварот за имунизирање во континентална Европа.

Како што посочува Ана Брнабиќ: ʺЗа нас, вакцинирањето не е геополитичко прашање, туку здравствен проблем“. Таа, меѓутоа додава, дека не смета да ја критикува ЕУ, која многу и помогнала на Србија за време на пандемијата.

Би-Би-Си коментира дека овој прагматичен пристап дал голем резултат. Останатите земји од Западен Балкан имаат потешкотии во обезбедувањето на доставки со вакцини, надевајќи се на ЕУ или меѓународната шема ʺКоваксʺ.

За разлика од нив, Србија е на пат да вакцинира една десетина од своето население до средината на февруари. Таа е понапред и од сите земји-членки на ЕУ, со двапати повеќе вакцинирани од земји како Германија, Шпанија и Италија и четири пати повеќе од Холандија.

И покрај тоа што српскиот премиер може да настојува дека нема простор за геополитика кога станува збор за коронавирусот, топлите односи на Белград со Пекинг и Москва несомнено помагаат за количината на испорачани вакцини, на што земјите од ЕУ можат само да и позавидат, заклучува Би-Би-Си.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO