
Опис: „Лагата е куќа изградена на песочен темел…Вистината е вечна. Таа може привремено да се извртува, да се изопачува и да се сокрива, но долгорочно, таа е неодолива. Вистината е најмоќното оружје на обесправените и затоа таа толку свирепо се крие од македонскиот народ. А зарем има народ што е повеќе обесправен од македонскиот? Пет века турско, проследени со еден век српско-грчко ропство, се уште без држава во која може да се изразува и да дејствува….
…Сепак, има некои значајни разлики меѓу денешните Македонци и оние од пред Втората светска војна. Тука најочигледна е разликата во односот на овие две групи луѓе кон Србија и кон Бугарија. Додека Македонците од пред Втората светска војна кон Бугарија гледале со симпатии, кои биле реципрочни, кон Србија, особено по Балканските војни, гледале како на поробувачка, непријателска нација и тоа – со право. Денес во Македонија српската поп-култура, која ги труе душите и умовите на населението, се доживува со најголемо задоволство, додека омразата кон Бугарија е неопислива, речиси и непристојна…
Постојат разлики и во карактерните особини на денешните Македонци и нивните предци, кои најсилно се одразуваат во присуството на темелен морален интегритет кај македонските Бугари, кој недостасува кај нивните денешни потомци. Пораката во сведочењето на Брајлсфорд е суптилна, но неодолива: преткомунистичките Македонци биле луѓе од вера и чест, полни со желба за знаење и себеподобрување. Пораката од дејствувањето на ВМРО е дека тогашните Македонци биле задоени со љубовта кон слободата и верени во доследноста кон достоинството. Денешните Македонци се карактеризираат со ароганција и нечесност, подлост и страв. За нив релативната безбедност е повредна од конечната слобода…Но како што веќе споменав, ова не е случајно. Денешните Македонци се производ на речиси стогодишна политика на отуѓување и насилна промена на нивнииот идентитет.А идентитетот не претставува само име и презиме туку е одраз на сето она што ја образува личноста. И покрај наводната независност прогласена во 1991 година, македонската држава се уште е во рацете на фигури што биле и му остануваат верни на Белград, кои се уште го насочуваат македонскиот идентитет подалеку од суштинскиот корен на Македонците….
Поради силното влијание на Белград во македонските работи, официјалната македонска историографија продолжува да го одбегнува соочувањето со фактот дека, како што Тодор Александров и Иван Михајлов се означувале како македонски Бугари, ист бил случајот и со Гоце Делчев, Никола Карев, Јане Сандански, Даме Груев и сите други дејци за македонската кауза, затоа што тогаш се уште не постоел македонски национален идентитет во онаква смисла каква што ја знаеме денес. Слично официјалната македонска историографија го игнорира македонското учество на страна на бугарските востаници во битката кај Шипка за време на Руско-турската војна од 1876-1878 година, како и македонското учество на бугарска страна предводено од Коста Паница во јуришот на Пирот во 1885 година. Тоа се прави од проста причина што – без ВМРО нема Македонија, нема Македонци и нема македонштина…
…Оттука, целта на белградски контролираната македонска држава, е бележејки ја како „бугарашка“ – притоа, не барајки го соддветното значење на тој поим – Внатрешната македонска револуционерна организација да ја отуѓи од македонскиот народ. Но не само ВМРО туку и сето она што му претходело на србокомунистичкиот режим наметнат во 1945 година….
…Сметам дека македонското прашање е како главица кромид и неопходно е да се открива слој по слој, упорно, внимателно и верно, дури и кога ни ги насолзува очите, кога ни ги пече ноздрите, кога не мириса пријатно и кога не изгледа како профитабилен зафат. Во овој час потребно е првин да се соочиме со вистината дека до раните денови на комунистичкиот режим, Македонците самите си се сметале за Бугари и светот ги сметал за такви. Дека како такви ги има забележано во безброј патописи, извештаи, истории и документи, кои во моментот се премногу важни за опстанокот на македонската нација за толку лесно да се одречеме од нив, поради еден прост страв наметнат од страна на нашите поробители, чие овековечување оди само во нивен прилог…“
Извор: Оригинален извор на книгата Macedonian Information Centre
Автор: Душан Петровски е македонска општественик и емигрант во Канада, заедно со неговиот татко Јордан Петровски е основач на ʺФорум Котле“ и Macedonian information centre; по потекло е од Куманово.
За да ја прочитате книгата кликнете ТУКА
Извор: Библиотека Струмски
