На локации во Грција почна снимањето на филмот „Зад стоговите сено”, во режија на младата Асимина Проедроу од Грција.

Филмот е копродукција помеѓу Грција, Македонија и Германија. Овој филмски проект е поддржан од Грчкиот Филмски Центар, Агенцијата за филм на Северна Македонија, а финансиска поддршка доби и од Еуримаж (Европски фонд за копродукција и дистрибуција на кинематографски и аудиовизуелни дела).

ʺОваа соработка е од суштинска важност, поради испреплетувањето на ресурсите помеѓу двете земји во доменот на филмската продукција. За прв пат имаме проект кој се снима во двете земји. Се надевам дека оваа соработка помеѓу соседите ќе се продлабочи и развива и во иднина вклучувајќи ги сите останати сегменти од културното творење“, истакна Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.

Снимањето на филмот почна во Грција на 13 јануари 2021, а според моменталниот оперативен план треба да продолжи во Р. С. Македонија во периодот помеѓу 22 и 28 февруари 2021, на локации во Дојран и Гевгелија.

Македонскиот продуцент на овој комплексен филмски проект е ʺСектор Филм“ кој веќе започна со работа на подготовките, поточно во моментов се дефинираат точните локации и кастингот. Главен продуцент на филмот е продуцентската куќа Argonauts Production, а копродуценти покрај Сектор Филм, продуцентска куќа од Скопје, се и Fiction Park – Entertainment Halbershmidt Tsika GbR од Германија.

Дејствието на филмот се одвива во 2015 година и го прикажува животот на населението од двете страни на границата.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO