Фото: Роjтерс

Кремљ изјави денес дека не може да има дијалог со луѓе кои протестираат бурно и незаконски откако десетици илјади излегоа на улиците за време на викендот и побараа ослободување на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави пред новинарите за време на прес-конференција дека нивото на насилство од некои демонстранти се без преседан и дека тие се однесувале многу агресивно, соопштува Ројтерс.

Според него, не би требало да е изненадувачко дека против некои од ʺисклучително агресивнитеʺ демонстранти е поведена кривична постапка.

Тој исто така кажа дека случаите на полициско насилство врз демонстрантите, од кои некои биле снимени на видео, се многу помалку и се испитуваат.

Руските организации за човекови права OVD-Info Group во саботата изјавија дека полицијата привела над 3.400 лица, од кои 600 во Москва, за време на протестите против апсењето на опозицискиот политичар Алексеј Навални.

Сопругата на Навални, Јулија, исто така беше приведена, по што беше ослободена.

Руското Министерство за надворешни работи ги обвини САД за организирањето на протестите, повикувајќи се на информациите објавени на веб-страницата на американската амбасада во Москва.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO