
Екипата на Барселона победи со 3: 2 на гостувањето на Атлетик (Билбао) во одложениот натпревар од второто коло во Шпанија.
Лионел Меси постигна два гола за Каталонците и веќе има 10 од почетокот на сезоната, со што се изедначи со Жерард Морено од Виљареал на врвот на стрелците во Ла Лига. Барса повторно излезе на третото место во поредокот со 31 поен, 5 помалку од второпласираниот Реал (Мадрид).
Натпреварот не беше лесен за избраниците на Роналд Куман. Раниот гол на Ињаки Вилијамс во 3-та минута ги донесе Баскијците во водство, но Педри израмни во 13-тата, а во 38-та по негово додавање Лионел Меси постигна втор гол за Барса. Аргентинецот уште еднаш беше прецизен во 62-та минута, а на крајот од регуларното време Икер Муниаин врати еден гол.
„Многу сум задоволен. Во текот на целото време бевме фокусирани, со исклучок на ситуацијата при нивниот прв гол, кога покажавме малку недостаток на организација“, изјави Куман по натпреварот.
ʺПотоа меѓутоа игравме одлично. Лионел Меси немаше среќа, тој можеше да постигне и повеќе голови, но двапати ја погоди гредата. Од првиот ден на нашата заедничка работа, тој се раздава целосно.Во целина, нашиот натпревар беше одличен, немаше падови. Има на што да поработиме. Натпреварите се добиваат на средината на терен, а ние располагаме со голема конкуренција од одлични фудбалери во таа зона. Сезоната е долга, шансите за титула остануваат “, не го криеше оптимизмот холандскиот тренер.
