Фото: Роjтерс

Грчката влада ја продолжи валидноста на ограничувања за ковид-19 за уште една недела, бидејќи продолжува ширењето на коронавирусот, особено на северот на таа земја. Владиниот портпарол Стелиос Пекас изјави дека ограничувањата и забраните, кои требаше да завршат на 30 ноември, се продолжени до 7 декември.

Во Грција се затворени сите продавници за малопродажба, освен самопослугите, како и баровите, рестораните, музеите и местата за забава и спортски сали. Луѓето можат да ја напуштат куќата само за да одат на работа, на лекар, да ги направат потребните набавки и да вежбаат или да ги шетаат кучињата, но само откако тоа ќе го пријават на властите преку СМС или да ја донесат својата законски обврзувачка изјава за тоа каде одат. Сепак, нема ограничување колку пати на ден и колку долго можете да излегувате надвор.

Полицискиот час е во сила и од 21 до 5 часот наутро, кога надвор можат да одат само луѓе кои треба да одат на работа, поради итни здравствени причини или да го шетаат кучето. Во Грција штрајкуваа вработените во јавниот сектор кои бараат помош за луѓе и пари за здравјето и јавниот сектор воопшто, и подобра заштита на работното место од коронавирусот.

Штрајкот ги наруши јавниот превоз и услугите, а неколку стотици демонстранти демонстрираа во Атина и Солун, игнорирајќи ја забраната за собири. Грција бележи значително зголемување на бројот на случаи на коронавирус и смртни случаи од последиците од инфекцијата, што силно го оптоварува здравствениот систем на земјата, иако тоа е зајакнато со мобилизирање на дел од приватниот здравствен сектор.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO