Ратка ми беше пријателка од Вардар. Ја сретнував на одење кон реката, меѓу мојата зграда и “Ѓорѓија Пулевски” или на клупите кај езерцата, карши хотелот “Русија”. Секогаш сама, пловеше на своите мисли низ светот на својата приватност, која во еден, не мал дел, беше испреплетена со македонската општост. Од замисленоста и загриженоста со кои зрачеше на клупата, излегуваше во страстна расправа за Македонија, веднаш по првите вообичаени поздрави. Имаше шармантно рапав и влажен глас и светло во очите, да и младешки шишки и со тоа делуваше така топло и непосредно и привлечно во расправите за тоа каде сме и каде одиме и каде и како треба да одиме. Со ставови кои се совпаѓаа со моите. Секогаш ми даваше на знаење дека и таа така мисли за моите становишта со тоа што ќе го свртеше погледот на страна и ќе ги ставеше отворените дланки кон мене за да ми каже колку сум опасно радикален, но исправен, праведен и правдољубив.Никола беше често, но само со по неколку реченици тема на нашите муабети, без елаборации и детали. Го обожаваше, а обожаваше и да ги слушне моите хвалоспеви за министерот за надворешни работи. За Заев сакаше да се изразува фамилијарно, дека го сака, дека и е како втор син, дека е голема надеж за Македонија.

Ратка беше единствената од првиот состав на вмро-дпмне кон која сум имал респект. Можеби затоа што беше граѓанска и градска и образована жена што насекаде оставаше траги на својот шарм, страст, посветеност. Нејзината грижа за Македонија беше облагородена. Дури и во грешките. Еднаш ни дојде на гости во “Нова Македонија”. Дваесетина години потоа ја сретнав во близина на пазарчето во Аеродром, речиси дека не ја познав, ми пријде, ме поздрави, ми честиташе на заложбите и ја изрази својата загриженост од политиките на Груевски. Следната средба беше преку нејзиниот феноменален говор пред Владата за време на Шарената револуција.

Ратка е пример на државотворна и национална свест што зрее и се развива, до нивото на кое е јасно дека само модерна Македонија, хармонизирана со себе и со светот, има шанси. Затоа таа ги подржа сите трансформации на Македонија, од соборувањето на Груевски, до промента на името во името на евроатлантските интеграции. Само злобници можат да мислат дека тоа го направила само поради Никола.

Така ме растажи веста од оваа утро.

Збогум, пријателке моја.

Ќе ми недостасуваат нашите средби и муабети.

Преку кого сега ќе испраќам поздрави до Димитар, до Никола и до целата фамилија.

Сочувство до фамилијата.

Влегуваме во возбудливи времиња во кои твоите совети можеа да ни помогнат да бидеме посигурни. Ни остануваат спомените.

Адио!

–––––––––

ФБ статус на Бранко Тричковски


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO