Интервју со Стево Насковски за ПОЛИТИКА, носител на листи на пратеници за ИЕ 5 од „Македонски Концепт

Стево Насковски е магистер на правни науки на насоката применета политика и дипломатија, на правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Неговиот образовен процес не застанува со комплетирањето на магистерскиот труд на тема „Лобирање во дипломатијата“, по што повторно се запишува на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а на кој во 2010 веќе еднаш дипломира на насоката Политички Науки. Покрај континуираниот образовен процес, Стево е активно ангажиран и на професионален план, при што се стекнува со огромно професионално искуство и неформално образование како активист на повеќе невладини организации и здруженија кои активно учествуваат во политичките процеси во земјата. Како професионалец, има значајно искуство во секторите на Јавната администрација, а специфично како Соработник на второстепената комисија за постапување по жалби во сферата на административните процедури и трудово право, (2014 година), а потоа како Соработник на Второстепената државна Комисија за постапување по жалби во сферата на инспекцискиот надзор и прекршочните постапки, каде работи од 2016 година.

ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на Македонски Концепт?

Стево Насковски : Зар треба некој да бара личен поголем мотив кога околу себе гледа летаргични и апатични луѓе, потиснати од повеќедецениското чувство на отсуство на надеж за себе, за семејството, за државата, дека еден ден ќе биде подобро? Мојот личен порив е да дадам сопствен придонес за враќање на Нормалноста во државата! А, тоа, пред сè, подразбира владеење на правото, етаблирање на стабилен општествен систем, остварување на економска стабилност и благосостојба за секој граѓанин на оваа наша држава.

ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?

Стево Насковски: Не, политички активен сум од мои тинејџерски години во ВМРО-ДПМНЕ.

ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?

Стево Насковски: Јас ќе го кажам гласно она што повеќе наши сограѓани го мислат – тоа е комплетно преструктурирање на најголемите политички партии во државава ВМРО– ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, ако тоа не  е остварливо тогаш е потребно нивно укинување. Целосна и реална демократизација во општеството, целосно департизирана и ослободена јавна администрација од политичките спреги. Дополнително, тоа треба да биде и градење на здрава инфраструктура за целите и во насока на стратешка поддршка на индустрискиот раст на земјата, со што ќе се стимулира отворање на нови индустриски капацитети и развој на реалниот сектор, воопшто.

ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?

Стево Насковски: Еден од врвните приоритети треба да биде безусловно носење закон за заплена на партиски имот доколку не се докаже од каде и како е стекнат, како и заплена на имотот на функционери коишто не можат да го докажат неговото потекло. Потоа, забрана за употреба, односно – злоупотреба на името ВМРО од политичките субјекти, па воведување на ефективна казна затвор за судските постапкаки кои се водат и треба да се водат за функционери, независно од нивната партиска или политичка припадност. Конечно, треба целосно имплементирање на проектите на Македонски концепт, коишто подразбираат обештетување на граѓаните, со приоритет на проектите за кредитирање на бизниси и нивно проширување, како и стимулациите за привлекување на инвеститори во државава и владеење на правото.

ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди Македонски концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?

Стево Насковски: Тоа што луѓето кои се дел од Македонски концепт немаат криминално бреме и веруваат во реалноста и применливоста на проектите кои ги предлагаат. Тоа се свежи лица, без хипотеки, без лажни тутори, професионалци во своите области, желни и посветени да направат нешто за иднината на сосптвената татковина!

ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?

Стево Насковски : Со безрезервна лична заложба и професионален активизам, насочен кон промоција и афирмација на Македонски концепт како платформа која нуди нови лица и реални проекти и решенија во секое поле на општествено-социјалната сфера во Македонија.

ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?

Стево Насковски: За воспоставување на Нормална Држава! За апсолутно владеење на правото! За реална благосостојба на граѓаните реализирана преку поддршка и имплементација на проектите врв коишто се базира платформата на Македонски концепт.

ПОЛИТИКА: Зошто проекти?

Стево Насковски: Проектите се оперативната основа за ефикасно спроведување на реформи во општеството. Од суштествена важност е да се знае кој е носител на еден проект, неговиот почеток, времетраење, неговата цел и, секако, ефектите од неговата имплементација. Професионализмот и посветеноста кон секој проект, лесно може да вроди со резултат, кој лично верувам далеку ќе ги надмине политиките на празни ветувања и нереални цели на постојната политичка елита.

ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за пет години од сега.

Стево Насковски: Македонија за пет години од сега е членка на НАТО, на ЕУ, како и Влада предводена од активистите на Македонски концепт, Нормална држава, држава на задоволни граѓани.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO