04.03.1881 -31.08.1924- 04.03.2020

Час по филозофија на постоењето од Стариот

Писмо до вдовицата на Т. Александров

…”Розова се издигаше ноќта над далечните планински врвови, кога тргнав по местата каде што за пат служеше трагата на бесмртието- патот на Тодора. Небото кое ја покриваше земјата таа ноќ, подаруваше на земјата невидена личост. Како растопено злато се влечеа далечните тивки води на Вардарот… Кој не ја видел Македонија таква, тој не знае за неискажаната, волшебна убост на земјата. Сонцето не брзаше да се покаже, но со неговите зраци срамежливо го милуваше утринскиот лад. Бистра роса- топено сребро заблеска по тревите и паднатите лисја, а првите птици заѕвонија високо во полутемната бездна од каде што се надѕираше последната ѕвезда, ек кој се прислушуваше низ македонските планини, отѕвонувајќи со нечовечки глас- зов за борба, повик на последниот македонски вожд.

На килим од зелена трева, обиколен од послушниците, Тодор побрза да ме претстави. Прв пат го гледав, препашан со патрондаш, со пушка на револуционер. Со чувство на радост сите ја слушаа неговата реч. Зборуваше на тема : “Љубовта кон родното место”… Кога проговори за страдањето на робот, за новото робство во Македонија, гласот му зема специфичен тон. Усните му се оцртаа со релјефна линија, а во длабочините на црните проникнувачки очи пламна буен оган. Кога стана да се оддалечи од нас, штотоку изгреаното сонце го обви во светлина, фрлајќи накај нас изворедно порасната сенка, која се разви како бескраен килим, во знак на големиот спомен, кој тој велик човек го оставаше помеѓу нас. Јас исто се отстранив од групата, без да забележам, инстинктивно доближувајќи се до Тодора, го прашав: -“ Драги Тодоре, дали би можел да ми ги посочиш изворите на светлата човечка сила и од каде таа се добива ?”

Тој ми одговори: -“Човек може да ја најде во себеси секоја вистина, поврзана со неговото битие, само ако побара длабоко во минатото на својата душа. Само со трпение, со многу опити и неуморна настојчивост човек може да стигне до вратата, која води до храмот на спознанието. Секој човек би бил силен ако спозне, дека умот е градина, која мора да биде разумно обработувана, или оставена да изгние. Но, и во двата случаи поминувајќи низ разни премрежија, човек порано или подоцна, ќе открие дека тој е градинарoт на сопствената душа. Тој ќе ги открие во себе законите на мислата и ќе почне се’ повеќе да ги разбира насоките на неговото умодејствување, во образувањето на неговиот карактер, околности и судбина. Човекот може да достигне душевна хармонија, да биде силен, да се издигне, само тогаш кога ќе надвладее над сопствените мисли ! И јас кога ќе се почувствувам уморен се оддалечувам од другарите, приседнувајќи под некое осамено дрво- пливајќи во водите на размислите. Во тоа соединување наоѓам тивко пристаниште, оддалечувајќи се од страстите на луѓето, без тие да ме допрат. Кога патувам по тие места, знам една прекрасна полјана, прошарана од горско поточе со студена вода, каде што се соединувам со природата и длабоко во душата се наоѓам себеси…”

Сите наши разговори со Тодор беа оцртани со целосна преданост, љубов кон нашата прекрасна Татковина. Од него научив дека нема никаде на светот, поубава земја од Македонија. Нејзиниот одраз го наоѓавме во одблесокот на цвеќињата, во убавината на недопрените гори, во страшливиот бег на срните, во летот на птиците, низ горките зраци на сонцето и најсетне, кога ќе ги затворевме очите, нејзината убавина ја наоѓавме длабоко во себеси.

Ќе дојде ден кога македонскиот народ, со големо срце на роден татко ќе ја оддаде љубовта на своите поколенија, издигајќи величествен паметник на Тодор, во кој што паметник ќе гледаме знаме, кое што во дни на униние и народна тага, ќе го издигнеме високо со вoзглас: ”Македонци, каде и да сте, дојдете да се собереме околу него !”, покажувајќи ја својата почит кон великиот Бугарин, кој што толку многу даде за слободата на Македонија !”

Ваш Панчо Михајлов


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO