Популарната македонска поетеса Ана Бунтеска после подолго време на 29.02.2020 г. (сабота) доаѓа во Битола во Порта Џез за промоција на нејзините авторски дела Понеделнички Муабет и Најди ми Име. Како што кажува и самата доаѓа во градот каде што нејзиното срце се полни и со радост и со тага…”

СЕ ВРАЌАМ ВО ГРАДОТ КАДЕ ГО МИНУВАВ СЕКОЕ ЛЕТО И ОД КОЈ ГИ ИМАМ НАЈУБАВИТЕ СПОМЕНИ ОД ДЕТСТВОТО…А ТАГАТА Е ДЕКА БАБА МИ И ДЕДО МИ КАЈ КОИ ГО ПРЕСЕДУВАВ ЛЕТОТО, ОДАМНА НЕ СЕ МЕЃУ ЖИВИТЕ. А ТИЕ ЈА ИМАА НИВНАТА ГОЛЕМА ЉУБОВ ЗА КОЈА ЈА ИМАМ ОПИШАНО КАКО ПЕСНА:

Се љубеа како деца
баба ми и дедо ми
на старост љубовта млада им беше
како свежа изворска вода
а душите испреплеткани
како гранките од стариот лешник
ете таква љубов сакав
како нивната
со корени до центарот на земјава
со страст која избрчканата кожа им ја пеглаше
тој и’ береше трендафили од дворот
таа со раце полни нежност вратоврската му ја местеше
како стакла беа
се огледуваа еден во друг
потем дедо ми почина
канцер градите му ги изеде
едно утро го снема
остана само капутот обесен в подрум
и после 20 години на него мирисаше
а баба ми свена
заедно со трендафилите во дворот
умираше години после него
секој ден
тивко
полека
телото и’ беше здраво
ама душата, срцето, тие и’ оболеа
не се насмевна потоа
ниту еднаш
ниту прабаба кога стана
ден пред да умре
лешникот го исекоа
проклетиот, ги изнамачи луѓето
имаше корења до центарот на земјата.

(за Панде и Марика од Битола)”


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO