
Лошо планираната балканска политика има дестабилизирачка улога во регионот, а тоа е евидентно од примерот на Зоран Заев, пишува Дојче веле.
И покрај тоа што Макрон ја објасни својата негативна позиција, довербата веќе беше поткопана.
Според Тобијас Цик, коментатор за надворешна политика во „Зидојче Цајтунг“, политиката на ЕУ води до дестабилизирање на регионот. Примерот со Северна Македонија е илустративен: во земјата претстојат предвремени избори како последица на француското вето во октомври на преговорите за пристапување на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ.
Премиерот на социјалдемократите, и покрај противењето на националистите блиски до Москва, успеа се пребори за промена на името на земјата, со што се отстрани најголемата пречка за нејзиниот европски пат.
Во октомври, францускиот претседател Емануел Макрон изненадувачки стави вето на почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Брисел го наруши дадениот зборот, Заев си поднесе оставка, а парламентот во Скопје го отвори патот за одржување на нови избори. Не е исклучено на нив да победат националистите – Брисел сам им ги даде аргументите дека про-европската реформска политика на социјалдемократите не и носи полза на државата.
Макрон започна да ја разјаснува својата позиција, која доведе до отказот, а ЕУ им даде нови надежи на земјите од Западен Балкан, но довербата е веќе трајно нарушена.
Брисел треба да се обедини брзо околу обврзувачка политика во однос на југоисточните соседи.
Албанскиот премиер Еди Рама исто така смета дека политиката на ЕУ кон неговата земја е неправедна.
Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАК) објавува напис под наслов ʺРазочараниот младоженец ја очекува својата невеста“, во кој албанскиот политичар ја објаснува дилемата на неговата земја.
Рама споделува дека неодамна бил посетен од висок претставник на земја-членка на ЕУ, кој настојувал за длабоки реформи за да започнат преговорите за пристапување кон ЕУ.
Пред да излезе од авионот, гостинот побарал тешко вооружено обезбедување.
ʺТој си мислеше дека пристигнува во Кандахар“, вели Рама, без да прецизира како бил решен проблемот.
Кога гостинот конечно стигнал до зградата на Владата, бил многу засрамен. Албанија смета дека кон неа се однесуваат неправедно, гласеше пораката на Рама во Брисел.
Според него, Албанија е ʺколатерална штета“ на внатрешните расправии меѓу две визии во рамките на самата Европската унија – оние кои сметаат дека треба да има поголемо продлабочување на соработката и поддржувачите на проширувањето.
Албанскиот премиер ситуацијата ја спореди со приказна во која младоженецот се дотерал и го очекува големиот момент во црквата, само за да открие дека невестата ја нема.
ʺЧовек се учи од несреќите“, рече Рама, потенцирајќи дека не сака да предизвикува големи очекувања.
ʺАко следниот пат на венчавката невестата повторно не се појави, шокот ќе биде помал“, смета тој.
