Кога беше потпишана „Привремената спогодба“ во 1995 лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави: „Ова што се случува е срамен пораз за македонската надворешна политика“.

Помина една деценија, а ВМРО-ДПМНЕ почна да ја брани Привремената спогодба, па дури и тужеше за прекршување на „Привремената спогодба“. Престана да им пречи и „некрофилската привремена референца“, под која ги примија во Европската народна партија.

Кога се потпиша конечна спогодба со Грција (Преспанскиот договор), актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ изјави: „ова е апсолутен пораз на македонската дипломатија“. ВМРО-ДПМНЕ почна дури и да предупредува дека со тој договор се откажуваме од Привремената спогодба, која во 1995 ја опишуваа како „срамен пораз“.

Дали историјата се повторува? Колку време сега ќе им треба на квазипатриотите да еволуираат? Како што можевме да видиме, министрите од ВМРО-ДПМНЕ немаат поголем проблем со уставното име. Партијата ВМРО-ДПМНЕ е заведена во Европската народна партија како партија од „Северна Македонија“. Мицкоски на Загрепскиот конгрес настапуваше како „опозициски лидер од Северна Македонија“.

Илија Димовски нема проблем да биде шеф на делегацијата на Северна Македонија во Парламентарното собрание на НАТО. И Александар Николоски нема проблем да биде претставник на Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа. И Антонио Милошоски нема проблем како заменик член да ја претставува Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа.

И други претставници на „Северна Македонија“ немаат проблем со уставното име кога се платени да ја претставуваат земјава надвор. На пример, Тања Каракамишева во Венецијанската комисија беше заведена како претставник на Северна Македонија, што се коси со нејзината парола за по дома „Никогаш северна“. Во импресумот на учебникот за студенти „Парламентарно право“ од авторите проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска и проф. д-р Александар Спасеновски стои „Фондација Конрад Аденауер во Република Северна Македонија“.

Во истиот учебник е наведен и правниот факт „Во согласност со амандманот XXXIII на Уставот, зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“.

Накусо, и Каракамишева и Силјановска ги учат студентите дека „Северна Македонија“ е уставното име. Е, сега, дали вистинските верници во „Никогаш Северна“ ќе се свртат против квазипатриотите кои земаат високи хонорари за да ја претставуваат Северна Македонија? Како што вика една македонска поговорка (признаена со Преспанскиот договор) – „Кога ќе видам, ќе повервам“.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO