Репрезентацијата на САД изненадувачки испадна од Светското првенство во кошарка уште во четвртфиналето, откако беа поразени од тимот на Франција со 89-79 во исклучително атрактивен натпревар во Дунггуан, Кина.

Американците беа апсолутни фаворити да станат светски шампиони по трет пат по триумфите во 2010 и 2014 година, и покрај тоа што дел од ѕвездите во НБА одбија да учествуваат на Мундијалот во Кина. Тие меѓутоа беа запрени од инспирираниот тим на Франција, кој се претстави одлично денес. Дуелот започна изедначено во првиот дел, кој заврши нерешено 18:18, но во втората четвртина петлите се засилија и на паузата се изборија за водство од шест поени.

Французите се одлепија со 10 поени на почетокот од третата четвртина, но воспитаниците на Грег Попович одговорија и ја стопија предноста, при што дури и поведоа со 72-65 на почетокот од последната четвртина, но потоа целосно се срушија и постигнаа само седум поени во последните осум минути, додека Франција постигна 24 во истиот период за да се добие вреден и импресивен успех со десет поени разлика.

Најпрецизен за победниците беше Еван Фурние со 22 поени и четири успешни удари за тројка, додека Руди Гобер запиша дабл-дабл – 21 поен и 16 скока (7 во напад). Нандо де Коло додаде 18 поени за успехот, а Френк Нтилкина постигна 11 од клупата. За Американците над сите беше Донован Мичел со 29 поени, но никој друг од тимот не ја надмина границата од 11 поени.

На тој начин, Франција се квалификуваше во полуфиналето на Светското првенство и во петок ќе се соочи со Аргентина за место во финалето. Во другото полуфинале, Шпанија ќе игра со Австралија или Чешка, кои подоцна денес ќе го определат последниот четвртфиналист. САД, од своја страна ќе играат утре со Србија за определување на пласманот од петто до осмо место.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO