Државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот од денес до вторник ќе биде во посета на Србија и Македонија.

„Беше крајно време да се надминат блокадите во Македонија. Одговорните политичари ја најдоа земјата во многу тешка ситуација. Затоа сум задоволен од првичните ветувачки сигнали од новата влада во земјата. Премиерот Зоран Заев јасно кажа дека сака темелно да се занимава со интеграцијата во ЕУ и дека е искрено заинтересиран за регионално помирување „, се вели во соопштението од германската МНР пред посетата.

Рот прво ќе го посети Белград, а потоа ќе пристигне во Скопје. Во Белград ќе има средба со премиерот Ана Брнабиќ, како и со министерот за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ. Рот ќе се сретне и со претставници на невладиниот сектор во Србија.

„Главниот фокус на патувањето е европскиот пат на Србија. Претстојните реформи, особено во однос на владеењето на правото, слободата на медиумите и демократијата се меѓу главните задачи на новата влада. Напредокот во нормализацијата на дијалогот со Косово е задолжителен. Со ова патување германскиот министер за Европа сака да го охрабри Белград да продолжи доследно со напорите за европска интеграција. По Белград, Рот патува за Скопје, каде новата влада веќе почна со работата по изборите во декември. Формирањето на владата беше долго и тешко „, се вели уште во информацијата, во која не се наведува со кого ќе се сретне германскиот дипломат во Македонија.

Михаел Рот е еден од највлијателните дипломати во германското Министерство за надворешни работи. Тој е член на германските социјалдемократи и еден од најблиските соработници на министерот за надворешни работи Зигмар Габриел.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO