
Ако сега при оваа добронамерност од страна на Македонија, не го потпишеме договорот за добрососедство, кога ќе го потпишеме. Ова го изјави вицепремиерот и министер за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева.
Според Захариева е многу важно конкретното потпишување на договорот за добрососедство, бидејќи е знак дали навистина Македонија ќе го промени својот однос.
„Се случи многу од нивна страна – како сопирање на дејствија од страна на институциите таму кои ја нарушуваат репутацијата на Бугарија во меѓународни институции. Ако сега при оваа добронамерност од страна на Македонија, не го потпишеме овој договор, кога ќе го потпишеме. Уште од 1999 година започнуваат првите разговори, а во 2008 година започнуваат интензивни преговори „, истакна министерот за надворешни работи.
„45-а година-сите ја знаеме историјата, тоа е основата на македонизмот – тој е антибугарски. Но веќе сме 2017 година и се надевам македонската политичка класа да созрее за тоа дека не треба да продолжиме со оваа идеологија. Националниот интерес на Бугарија бара подобрување на односите „, истакна Екатерина Захариева.
Таа изрази мислење дека договорот е еден чекор, но многу поважни се активностите, вклучувајќи и заштита на бугарското историско и културно наследство, и воените гробишта. „Овие прашања продолжуваме да ги подигнуваме. Велиме дека потпишувајќи го овој договор, значи дека Македонија се обврзува да не издигнува претензии во однос на нивно малцинство во Бугарија „, изјави Захариева.
Таа истакна дека се надева дека ќе го потпишеме договорот со Македонија во почетокот на август и додаде дека тоа е една можност која Бугарија треба да ја искористи. „Ние секогаш сме биле отворени, но не сме добиле таква реакција од страна на македонските влади пред тоа“, посочи уште за темата министерот за надворешни работи на Бугарија.
Захариева изјави дека Бугарија не е информирана на никаков начин дека се сака одложување на бугарското претседателство.
