Денес и утре во Дубровник се одржува самитот на шефовите на држави и влади на земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). На настанот ќе присуствуваат исто така и македонскиот претседател Ѓорге Иванов и министерот за надворешни работи на земјата, Никола Димитров.

Како што соопштија од кабинетот на шефот на државата, тој ќе присуствува на пленарната сесија на самитот на земјите-учеснички во ПСЈИЕ и ќе одржи билатерална средба со хрватскиот претседател, Колинда Грабар-Китаровиќ. Утре Иванов ќе учествува во „Форум Дубровник 2017“, кој ќе се одржи на тема „Јадранско-медитеранската соработка и безбедноста во Југоисточна Европа“.

Министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров денеска ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-учеснички во ПСЈИЕ.

На самитот на шефовите на држави и влади на ПСЈИЕ, чиј домаќин е Хрватска, е најавено учество на словенечкиот претседател Борут Пахор, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ, косовскиот претседател Хашим Тачи и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Процесот за соработка во Југоисточна Европа (South East Europe Cooperation Process – SEECP) е регионална иницијатива, која започна во 1996 година, со цел зајакнување на политичката соработка и зајакнување на партнерството во областа на економијата, судството, човековите права и борбата против нелегалните активности . Идејата е преку јакнење на добрососедските односи и обезбедувањето на мирот во регионот, да се овозможи побрза интеграција во ЕУ и НАТО.

Полноправни земји-учеснички на ПСЈИЕ се Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Романија, Србија, Турција, Хрватска, Молдавија, Црна Гора, Словенија и Косово.

Претседателството на оваа регионална иницијатива е ротирачко меѓу сите членки, со времетраење од една година. Во минатата година ПСЈИЕ претседаваше Хрватска, а следното претседателство, кое започнува од јули 2017 година, го презема Словенија.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO