Макар што имаше тешки моменти, како настаните во парламентот во април, кои беа надминати, и покрај одложувањата и несигурноста, сега Македонија има влада и ова е многу позитивен чекор. Во исто време тоа е и добар пример за остатокот од регионот за тоа како тешкотиите и кризите може да се надминат со политичка волја.

Ова го изјави во интервју за босанската редакција на „Гласот на Америка“ Хојт Брајан Ји, заменик-помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања.

Запрашан за коментар по гласањето на новата влада во Македонија, тој рече дека одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да му даде мандат на Заев е „показател дека демократијата во Македонија е здрава и стабилна“.

Високиот претставник на Стејт департментот рече дека се очекува од новата влада да биде во добри односи со меѓународната заедница, Европската унија, САД и земјите кои се долготрајни партнери на Скопје, во насока на спроведување на неопходните реформи.

„Македонија треба да ги реши проблемите со соседите, вклучително и со Грција. Целта е да се постигнат договори кои би го деблокирале патот на земјата кон евроатлантските интеграции „, рече Ји.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO