
Интегрирањето на Балканот во ЕУ и НАТО е од клучно значење за напредокот на регионот, како и за мирот и стабилноста. Ова се заклучоците од билатералната средба на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов со црногорскиот колега Филип Вујановиќ.
Во рамките на состанокот на лидерите од процесот „Брдо – Бриони“ во Словенија, двајцата претседатели разменија мислење за актуелните настани во Македонија и Црна Гора, како и за оние во регионот.
Беа потврдени традиционално блиските политички односи меѓу двете држави и беше изразен интерес за продлабочување на билатералната соработка.
Иванов упати честитки за успехот на Црна Гора со членството во НАТО, како и во однос на процесот на интеграција во ЕУ.
„Успесите на Црна Гора позитивно треба да влијаат на стабилноста во регионот и треба да бидат инспирација за останатите кандидати за членство во НАТО и ЕУ“, истакна македонскиот претседател.
Тој посочи дека една од причините за појава на ретроградни процеси во регионот е недостатокот на посветеност на ЕУ.
На средбата со Вујановиќ присуствуваше и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој исто така е дел од делегацијата на претседателот Иванов.
Вујановиќ истакна дека одличната соработка во однос на евроатланската интеграција ќе продолжи и во иднина.
„Република Македонија долго чека и треба да го заземе местото кое и припаѓа во НАТО и да го продолжи интегративниот пат во ЕУ“, истакна тој.
Во однос на миграциската криза и предизвиците со кои се соочуваат регионот и Европа, двајцата претседатели се согласија дека е потребно проширување на соработката меѓу разузнавачките служби.
