Македонија има јасни стратешки ангажмани и продолжува со нив, не штети никому, води политика на отвореност, ги потхранува добронамерните односи, соработка и меѓусебно почитување. Ова го изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов, обраќајќи се кон рускиот колега Владимир Путин на денешната средба во Москва.

Иванов ја оцени средбата со Путин како пријателска, конструктивна и сеопфатна. Рече дека станало збор за состојбата во Македонија и регионот, економската соработка и редица други клучни теми.

„Политичката криза што ја имавме во последните 2-3 години, доведе до забавување на функционирањето на заедничката меѓувладина комисија со Русија, која, се надевам, со формирањето на новата влада, ќе може да проработи и да продолжи со позитивните трендови во економската соработка“, изјави Иванов по средбата.

„Политичката криза блокираше многу проекти и затоа се надевам дека новата влада со формирањето на повторна меѓувладина комисија за економска соработка ќе овозможи почнатите проекти кои ги имаме во сферата на енергетиката, извозот на земјоделски производи, како и ќе го задејствува интересот на руски инвеститори во земјата „, додаде тој.

„Македонија нуди навистина добри услови за водење бизнис, имаме поволна клима и храна, која е добредојдена на нивните пазари, па ние имаме голем потенцијал, но сето тоа зависи од тоа како ние внатре ќе си ја уредиме ситуацијата, за да може она што постоело, да се надгради и да се развива „, истакна шефот на државата.

И Путин ја истакна економската соработка која меѓу Македонија и Русија е интензивна и достигнува околу 200 милиони долари, но, според него, тоа се уште не е доволно за потенцијалот што постои меѓу двете земји.

Рускиот претседател се интересирал од ситуацијата во Македонија и на Балканот, бидејќи целиот регион минува низ бурен период и сакал лично да се информира за одредени настани.

„Разговаравме и за ситуацијата во целиот наш регион и на Блискиот Исток. Русија е постојана членка на Советот за безбедност и од тој аспект ги следи сите настани, особено прашањата за безбедноста, кои постојат во нашиот регион „, истакна Иванов.

Во одговор на новинарско прашања, тој потсети дека Скопје не сака стратешките ангажмани да бидат на штета на односите со Москва.

„Русија е голема земја и Македонија, како мала, треба со сите големи сили да има однос на искрено пријателство, бидејќи таа е и член на Советот за безбедност. Со сите членки на Советот за безбедност Македонија отсекогаш имала и треба да има односи на пријателство и почит. Нашата политика на отвореност кон сите добронамерни продолжува и се стремиме со сите големи земји да имаме соработка и хармонија „, рече Иванов.

Според него, секоја земја си има свои интереси и поаѓа од нив. Ова важи и за големите држави, и покрај тоа што ја следат ситуацијата и во регионите и во светот.

„Она што се случува при една голема сила, се случува и кај друга голема сила. Ние, малите, можеме да поддржуваме топли односи, но сепак да не бидеме заложници во корист на конспиративни теории „, посочи Иванов.

Тој потсети дека повод за неговата посета на Москва е најголемото признание кое му беше лично врачено од патријархот Кирил, и што тој го гледа како признание за сите негови и на Македонија ангажмани за промоција и сочувување на христијанските вредности.

„Разговорите кои ги водевме со патријархот, се во функција на улогата што Руската црква ги има околу промовирањето на христијанството во период кога сите христијани во светот се изложени на напади и големи преселби, особено на Блискиот Исток и Северна Африка. Следиме што се случува со христијанскиот свет „, изјави Иванов.

Тој додаде дека имал многу конструктивна средба со епископ Тихон, кој е во посета на Македонија.

„Тихон изрази многу позитивни и искрени чувства за тоа што се случува во Македонија во однос на нашите верници на нашата Црква и нашите манастири“, истакна претседателот Иванов.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO