
Од благодарност дека ги држат бегалците надвор од ЕУ, многумина на Запад ги затвораат очите пред авторитарните владетели на Балканот. Така Европа купува мир, а балканските автократи – неказнивост.
Балканот не се само туристичка рута. Миграцискиот бран во судбоносна 2015 година го прикова за кратко вниманието кон Југоисточна Европа, но овој интерес беше претежно површински – тој беше насочен кон регионот како транзитна рута за бегалците, но не и кон самите држави. Кризата со бегалците уште еднаш не потсети на нешто што е јасно на секој запознаен со географијата: балканскиот регион, кој го држеше светот без здив за време на крвавиот распад на поранешна Југославија, е непосреден сосед на ЕУ. А некои од балканските земји се дури членки на Заедницата. Факт е дека она што се случува во југоисточниот дел на Европа, речиси секогаш има последици и за богатиот северозапад.
Некои европски политичари очигледно се задоволни кога балканските држави се задоволуваат со нивната определена улога на бастион против миграциските текови, наместо да создаваат дополнителни проблеми на Западот. Македонија, Бугарија и Унгарија ги исполнија овие очекувања, доколку подигнаа огради на своите граници, со што практично го „запушија“ патот кон Европа. Од благодарност за тоа, во Брисел, а и во некои европски метрополи почнаа да се помируваат и со сомнителни политички лидери од сортата на поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Во името на стабилноста и сигурните граници Европа ги затвораше очите пред авторитарните методи на управување и кршењето на правото.
Оваа стратегија сепак крие ризици и е само делумно е ефикасна. Точно е дека од т.н. балкански пат веќе не е така привлечен за мигрантите, како во Европската година на отворени врати – 2015 година Но, овој пат не е и така сигурно затворен како што претпоставуваат мнозина.
Насекаде на Балканот се појавија цели мрежи за шверцување на платежоспособни мигранти. Создавањето на овие мрежи стана возможно бидејќи корумпираните политички елити од регионот, на пример во Македонија, и сами се збогатуваат од трафикот на бегалци. Пред богатата Западна Европа овие елити ветуваат да ги пазат европските граници, а во замена за тоа можат да располагаат во својата земја како што им одговара.
И што се се случи? Токму во оние земји кои божем ги заштитуваат надворешните граници на ЕУ, со знаење или дури со учество на државата никнуваат криминални структури кои ги прават истите овие граници порозни. Во меѓувреме се етаблира нов концепт поврзан со земјите од регионот кои не се диктатури, но во името на некаква привидна стабилност редовно ги потиснуваат демократските и правни стандарди – ги нарекуваат „стабилократи“.
Но секоја стабилократија е стабилна само привремено, како што се виде во Македонија: паднатиот од власт автократ Груевски, кој се уште е популарен меѓу дел од населението, не се запира дури пред опасноста од судири, за да остане на кормилото на власта. Влогот за него очигледно е многу поголем – отколку една смена на власта во нормалните демократии. Груевски има причина да се плаши дека може да бидат подгонети и осудени од истото она политизирано судство, која тој самиот го создаде. А тоа ќе се случи, кога неговите противници целосно ја овладеат контролата над власта.
Ситуацијата во Србија – најголемата од седумте постјугословенските републики – е малку подобра отколку во Македонија, но исто така е алармантна. Победникотт на изборите Александар Вучиќ освои реално мнозинство. Тој всушност е сакан од многумина свои сонародници. Веројатно тој би победил на изборите и без масовната поддршка од српските медиуми – но тоа сигурно немаше да стане уште во првиот круг. Вучиќ протурка непопуларни меѓу населението структурни реформи кои веќе ги даваат првите плодови. Покрај тоа, тој вети дека ќе продолжи со реформите и да ја внесе земјата во ЕУ. За овие работи тој заслужува поддршка.
ЕУ сепак би требало да му помогне на Вучиќ да издржи на авторитарните искушенија – откако следи повнимателно она што се случува во Србија, апстрахирајќи се од проевропската му реторика. Тврдењата дека Вучиќ или неговите политички противници ќе се свртат кон Русија, ако ЕУ започне премногу строго да ја контролира земјата, се претерани.
Како Вучиќ, така и мнозинството од српските избирачи многу добро знаат што може да им понуди Москва и најмногу – што не може да им понуди. Затоа Европа треба да се остава да ја исплашат со „рускиот дух“. А уште понедопустливо е да се прави отстапки во однос на минималните стандарди за демократија и правна држава. Партнери кои ветуваат стабилност, а всушност создаваат автократија, се опасни. Партнерите на ЕУ во регионот на Балканот би требало да се демократи, а не стабилократи.
––––––––––––––––––
Михаел Мартенс, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“
