
Промена на стражата во палатата Белви: Новиот германски претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска официјално стапува на должност. Со што е познат наследникот на Јоаким Гаук?
61-годишниот Штајнмаер во текот на два мандата беше министер за надворешни работи на Германија во кабинетите на Ангела Меркел. Овој пост неодамна го презеде неговиот сопартиец од СПД, Вице Премиерот Зигмар Габриел. Во својата речиси 20-годишна политичка кариера Штајнмаер заземал и голем број други важни позиции. Бил државен секретар, претседавач на фракција, а и кандидат за канцлерскиот пост. Значи новиот германски претседател нема да е непозната фигура, ниту пак ќе е нов во политиката.
Токму напротив. Франк-Валтер Штајнмаер поседува многу квалитети потребни за претседателската функција на Германија. Тој ужива углед меѓу сите германски партии, а и во странство, има дипломатско искуство и е докажано дека може да ја задржи самодовербата за време на кризи. Резултатите од анкетите го потврдуваат високиот имиџ на Штајнмаер. Со години тој се наоѓа на прво место на листата на најпопуларните политичари.
За време на многуте патувања Штајнмаер секогаш се однесувал на високо ниво. И секогаш барал рамнотежа. Особено во украинскиот конфликт Штајнмаер освои уважување со неуморните патувања меѓу Киев и Москва. Тој помогна да се смири конфликтот што се должи не на последно место на внимателниот избор на зборовите. Толку поизненадувачка беше неговата реакција на адреса на Доналд Трамп за време на американската предизборна кампања, кога Штајнмаер го нарече „проповедник на омразата“.
Франк-Валтер Штајнмаер ја започнува својата политичка кариера кај поранешниот канцелар Герхард Шредер. Тој е шеф на неговата канцеларија уште во времето кога Шредер е премиер во Долна Саксонија. По победата на социјалдемократите на изборите во 1998 година, Штајнмаер станува државен секретар, а подоцна и шеф на канцлерската служба. Во 2005 година станува министер за надворешни работи во првата широка коалиција на канцеларката Ангела Меркел. А во 2009 година е кандидат на социјалдемократите за канцлерскиот пост. Тие сепак ги загубија изборите, а тогаш многумина си го објаснија поразот на Штајнмаер со недостаток на блискост со граѓаните. Во 2013 година, Франк-Валтер Штајнмаер повторно станува министер за надворешни работи. И заедно со Ханс-Дитрих Геншер припаѓа на доминантните фигури во германската надворешна политика од последните децении.
Франк-Валтер Штајнмаер е роден на 5 јануари 1956 година во Детмолд, Северна Рајна-Вестфалија. Оженет е за Елке Бюденбендер која е судијка по административно право. Двајцата имаат една ќерка. Во 2010 година во фокусот на вниманието на јавноста се најде не политичарот, а човекот Штајнмаер. Тогаш тој беше претседател на фракцијата на социјалдемократите и привремено го прекина политичките настапи, за да донира еден бубрег на тешко болната сопруга. Оваа постапка му донесе високо признание и почит сред германското општество. А во фактот дека правникот Штајнмаер ја пишува својата докторска работа на тема „бездомници“, многумина гледаат добар предзнак за претстојната улога на висок претставник на државата.
–––––––––––––––––
Коментар на Рихард Фукс од Дојче Веле.
