Деновиве ќе донесеме важна одлука, најави Ахмети, идентично како и Заев – дека „во прашање се денови до крајната одлука“. Топката сега е во рацете на експертите, кои треба да најдат уставни решенија за дел од предлозите, пише Deutsche Welle.

Од експертите се очекува да најдат уставни решенија за дел од предлозите поврзани со употребата на албанскиот јазик. Доколку успеат во тоа, ќе може да се обезбеди мнозинство за да се добие мандатот за состав на влада. Ова може да се заклучи од епилогот на синоќешната тричасовна средба во Мала Речица, меѓу лидерот на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Иако во јавноста се создадоа очекувања дека средбата може да заврши со договор за обезбедени потписи за мнозинство, тоа синоќа не се случи. Заев изјави дека „во прашање се денови до крајната одлука“.

„Надминавме одредени разлики. На крајот одлуката ќе биде – или ќе има или ќе нема потписи. Прилично сме со доближени ставови да се изнајде конечно решение за отворените прашања за кои се преговара. Желбата и на ДУИ и на СДСМ е да добиеме уставни решенија за употреба на јазиците. Тоа значи дека не треба да си дозволиме ништо што е надвор од Уставот, па и сето друго што е уставно да падне во вода. Кој има корист од таква работа? Затоа и двете страни во преговорите се држат до Уставот, посебно до амандманот 5 од Уставот, сегашен член 7, кој дава либерална и европска можност да бидат земени предвид сите аспекти и на малцинските заедници во Македонија“, рече Заев.

Да се најдат решенија

По средбата во Мала Речица, Заев најави дека веднаш ќе ја свика работната група за да ѝ ги пренесе сите детали од разговорот. Очекува преговарачите на заеднички средби со уставни експерти да изнајдат решенија. Според него, синоќешната средба се должи токму на фактот што експертите и преговарачките групи почувствувале потреба двајцата лидери да седнат и да отстранат одредени нејаснотии во однос на она што се сака да се постигне со одредени законски решенија.

„Сега ги отстранивме тие нејасноти, за да може да го завршат процесот. Знаејќи го духот на размислувањата на двете партии, се надевам дека експертите ќе можат да ги изнајдат уставните решенија за да имаме едно комплетно решение кое ќе има практична примена и никој нема да ја доведе неговата уставност под знак на дискутабилност“, објасни Заев и потенцираше: „Јас сум тој што ги чека потписите, но и со целиот ризик да не ги добијам – Уставот во Република Македонија нема да се менува!“

уште читаjте ТУКА


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO