
Извор на дел од информациите кои се содржани во извештајот за компромата против претседателот на САД Доналд Трамп, е претседателот на Руско-американската стопанска комора во САД Сергеј Милиан, објави в. „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на сопствени извори.
Весникот пишува дека Сергеј Милиан (Кукуц), кој е по потекло од Белорусија, пристигнува во Америка пред 15 години и во 2006 ја основал компанијата „Руско-американска стопанска комора во САД“.
Годишно организацијата на Милиан добивала не повеќе од 50 000 долари како донации. Милиан тврдел дека му помага на Трамп да склучува договори за недвижни имоти во Русија. Адвокатот на Трамп сепак не го потврди тоа и рече дека Трамп и Милиан се виделе само еднаш, затоа Милиан нема како да имал доверливи информации за Трамп.
Изворот на WSJ наведува дека искажувањата на Милиан биле предадени на авторот на „досието“ за Трамп од трета страна, а бизнисменот може да не претпоставувал дека информацијата ќе биде искористена за извештај во кој се зборува дека руската Федерална служба за безбедност има компромат против кандидат претседателот Трамп.
WSJ истакнува дека меѓу информациите добиени од Милиан, е и тоа дека руските спец служби располагаат со „видео компромат“, како и дека имало „таен договор“ меѓу изборниот штаб на Трамп и руските власти за уништувањето на компјутерите на американската Демократска партија .
Во е-маил до медиумот Милиан го нарекува извештајот лажлив, но не одговара на ниту едно од прашањата за неговото лично учество во составувањето на конструкцијата.
Анонимен документ дека руски агенти имаат компромитирачки информации за Доналд Трамп, беше дистрибуиран од сајтот BuzzFeed. Русија ги отфрли тврдењата како „целосна фабрикација и глупост“.
