
Велика Британија може да ја изгуби својата клучна позиција во НАТО по излегувањето од Европската унија, а нејзиното место да биде зафатено од Франција. Ова го пишува денеска британскиот весник „Тајмс“.
Постот на заменик-командантот на Обединетите вооружени сили на НАТО во Европа традиционално е резервирано за претставник на Обединетото Кралство. Во моментов тој е заземен од Британецот Адријан Бредшо. Поради Брекзит сепак на функцијата може да биде назначен човек од Франција, која изгледа ќе има најголема корист од излегувањето на Лондон од Унијата, пишува уште весникот.
Според „Тајмс“, за да ги зацврсти позициите во Алијансата, минатата есен Париз испратил официјална делегација во Вашингтон. Тогаш француските претставници се увериле дека „вооружените сили на Франција се наоѓаат во подобра состојба“ во споредба со британските.
Коментирајќи ја публикацијата портпаролот на британското Министерство за одбрана изрази уверување дека кралството „ќе продолжи да игра водечка улога во осигурувањето на безбедноста во Европа“. „Ова го вклучува и назначувањето на претставник (на Лондон – бел. ред.) на функцијата заменик на високиот командант на Обединетите вооружени сили на НАТО во Европа“, изјави тој.
Во есента минатата година британскиот премиер Тереза Меј вети до 31 март да активира Член 50 од Лисабонскиот договор, со кој се регулира излегувањето на држави од ЕУ. По почетокот на процедурите Лондон ќе може да започне преговори за условите по напуштањето на Унијата. Во такво сценарио земјата треба да излезе официјално од Унијата во март 2019 година
