
Во Европската унија може да се вратат до 2.500 лица, кои војувале во Сирија и Ирак на страната на терористите, изјави босанскиот министер за безбедност, Драган Мектиќ.
Неговиот коментар е одговор на тврдењето на хрватската претседателка Колинда Грабар- Китаровиќ дека во Босна и Херцеговина може да се вратат околу 1.000 исламски милитанти.
Според Мектиќ такви тврдења се „несериозни, непримерни и неосновани“.
„Можно е некој намерно да ја изманипулирал хрватската претседателка, давајќи лажни податоци дека во БиХ би можеле да се вратат илјада потенцијални терористи, со цел да не дискредитира, изјави Мектиќ по телевизија H1.
Тој се осврна на неодамнешната средба меѓу раководителите на службите за безбедност, на која беше истакнато дека закана за ЕУ ќе претставува враќањето на 2000-2500 потенцијални терористи од боиштата во Сирија и Ирак.
Мектиќ истакна дека е нереално БиХ да дозволила на нејзина територија да влегуваат 1000 терористи. Според него во БиХ се вратија 46 лица од боиштата во Сирија и Ирак, од кои 20 веќе се држат под око. Тој истакна дека според податоците на босанските власти во овие две блискоисточни земји во моментов престојуваат 115 граѓани на БиХ кои „најверојатно нема да се вратат“ во земјата.
