“Светиот Синод на МПЦ уште пред 40 години донел одлука да го прифати Грегоријанскиот календар а со тоа Божик да се празнува на 25-ти декември, како речиси сите христијани во светот. За жал, таа одлука никогаш не е спроведена. Во Синодот велат дека таква одлука навистина е донесена есента 1969-та година, но, не само што е донесена, туку никогаш и не е повлечена, ниту пак со некаква нова одлука е ставена вон сила.

Оттука, се поставува прашањето, зошто таа одлука на Синодот не била спроведена или, поточно, зошто не е спроведена цели четири децении. За да добиеме изворни податоци за тоа што се случувало во 1969-та година, и зошто всушност одлуката не е спроведена, го побаравме сега единствениот жив митрополит, член на Синодот, кој бил и во Синодот што ја донел одлуката за прифаќање на многу поточниот Грегоријански календар пред 40 години, митрополитот Полошко-кумановски, г. Кирил.

За жал, по дводневни консултации во неговиот кабинет ни беше пренесена само неговата порака дека за тоа можеме да разговараме единствено со архиепископот на МПЦ, г. г. Стефан. Се разбира, и обидот да дознаеме нешто повеќе за оваа одлука од првиот човек на МПЦ заврши без успех, односно само со препорака да се обратиме до архивата на Синодот за да ни дозволат, ако сакаат, да го видиме документот со одлуката за менување на календарот.

Дека нешто не е како што треба во врска со докуметнот за кој јавноста сега дознава за првпат, говори и тоа што ѕидот на молчење продолжи и во архивата на МПЦ, со образложение дека за да ни овозможат увид во записникот од 1969-та година треба да поднесеме писмено барање, а дали ќе биде одобрено да го видиме документот, односно одлуката за промена на календарот, ќе знаеме дури по наредната седница на Синодот, што секако ќе биде „некој ден“ по Божикните празници.

Единствен што сепак ни даде некаква изјава е Дебарско-кичевскиот митрополит, г. Тимотеј, портпарол на Синодот на МПЦ. Според него, иако тој во тоа време, како што рече, бил само ученик, одлуката од 1969 година за прифаќање на Грегоријанскиот наместо Јулијанскиот календар е повлечена уште истата година:

– Факт е дека одлуката е повлечена, односно е ставена вон сила, па затоа, еве, 40 години нема ни глас, ни трага од таа идеја. Додека е овој состав на Синодот таа одлука никогаш и нема да биде во сила. Според тоа, такво нешто за нас не постои, па затоа и по 40 години ништо не е променето во однос на календарот што го прифатила и го применува нашата црква, поточно нашиот народ. Инаку, што се однесува до мене лично, јас категорично сум против менување на календарот, особено во време кога имаме многу поважни работи од тоа, смета Тимотеј.”

Повеќе за темата може да прочитате во текстот на Блаже Миневски објавен во неделникот ʺФокус ʺ на 8 јануари 2010 година.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO