Европската унија очекува сите партии да учествуваат на мирен начин на прегласувањето, за да заврши изборниот процес во земјава и да се избере Влада, изјави денеска портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич, јави дописникот на МИА од Брисел. „Ние ги забележавме одлуките на Државната изборна комисија (ДИК) и на Управниот суд. Сега мора да биде дозволено процесот на жалби и приговори да се одвива по својот тек, без било каква интервенција. Очекуваме сите партии да учествуваат конструктивно и на мирен начин во демократскиот процес, за да се овозможи завршување на изборниот процес и формирање на новиот парламент и Владата“, рече Коцијанчич.

Таа додаде дека Унијата очекува од сите политички лидери во Македонија да покажат најголема одговорност. Според Коцијанчич, ЕК цврсто ја осудува секоја запаллива и опасна реторика, и како што велат, вклучувајќи и таргетирање на претставниците на меѓународната заедница во Скопје. Според портпаролката на Комисијата, таквата реторика ја движи земјата уште подалеку од евроатлантскиот пат, кој нејзините граѓани го сакаат и заслужуваат. „Ние очекуваме новата Влада да се посвети на решавање на системското владеење на правото, исто така и на итните реформски приоритети и да продолжи континуираната имплементација на претходните политички договори. Ние ќе ги поддржиме властите во овој поглед“, рече портпаролката Коцијанчич.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO