Турските власти го уапсија најбараниот терорист во Австралија, милитант на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, Нил Пракаш, соопштија правосудни органи на Австралија и Турција.

Апсењето било изведено пред неколку седмици, откако властите во Анкара добиле од австралиските власти разузнавачки информации дека Нил Пракаш планира патување во Турција. Голем број земји, меѓу кои и Австралија и Израел, се заинтересирани да го испрашаат, а со турските власти во моментов водат преговори за екстрадиција на обвинетиот за тероризам.

Пракаш се смета за највисоко рангираниот регрутер на Исламската држава во Австралија и е осомничен дека е вмешан во подготовка на терористички напади, од кој еден требало да биде извршен на 25-ти април минатата година, на денот на националниот празник во чест на австралиските воени ветерани. Пред да ги прифати идеите на радикалниот ислам и да ѝ се приклучи на Исламската држава, 24-годишниот Пракаш бил рап музичар во австралиската метропола Мелбурн. Во мај годинава американските власти соопштија дека го ликвидирале австралискиот милитант. Се претпоставуваше дека терористот и неговата сестра биле ликвидирани во бомбардирање на ирачкиот град Мосул 29-ти април.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO