Доналд Трамп патува кон Белата куќа во Вашингтон. На почетокот од наредната година по втор пат ќе влезе во Овалната сала на претседателот на САД. Во досегашните избори републиканецот пред осум години ја победи Хилари Клинтон. Пред четири загуби од Џо Бајден. Во битката со Камала Харис тој го освои т.н „Народен глас“ – мнозинството од сите Американци, со пет милиони повеќе од својот ривал.

Доналд Трамп е американски милионер што завршил воена академија и дипломирал економија. Трамп е татко на пет деца од три сопруги. Последната, Меланија, има потекло од Словенија. Најави дека доаѓа „златно време“ за Америка. Поворното влегување на Трамп во Белата куќа, светските лидери го оценија како историски најголемиот кам-бек.

„Не би можел да кажам дали во светски рамки ова е најголемиот историски кам-бек. Во секој случај ова е еден од најголемите шокови коишто ги доживеа меѓународното општество на држави, затоа што точно се знаеше кој е Доналд Трамп. Се знаеше за неговиот авторитарен лик, за неговиот американски национализам, за неговите политики, а сепак Американците одлучија повторно да му дадат шанса. Ги следам реакциите во светот. Прочитав еден текст во „Гардијан“, од местото во Шкотска каде што Трамп поседува голф игралишта, каде што соседите велат – Америка полуде. Следев исто и кај нас дебата, пропратена со анкети во кои се јавуваат граѓани и бев исто така прилично шокиран дека иако во Америка јавноста горе-долу се подели на Трамп и на Харис, кај нас во Македонија како да 90% од политичарите, аналитичарите и обичните граѓани се радуваат на фактот дека Трамп се враќа во политиката, вели проф. Малески и додава дека негов став е дека има една среќна околност, а тоа е дека ова е последен пат што Трамп ќе може да се кандидира и ќе треба да се издржат овие четири години кои следуваат.

„Големите сили сега се во процес на едно поинакво нивно позиционирање. Американската ера како единствена голема сила завршува и заради тоа ние сме во една прилично деликатна ситуација, како планета да кажам, да не се судрат тие големи сили и да не дојде до нуклерна катастрофа. Колку успешно ќе се носи Трамп со ова ќе видиме. Но има еден парадокс кој го забележувам, а тоа е дека само еден ваков човек, како што е Трамп, на кому што воопшто не му е гајле за демократија, ниту за меѓународно право, може да одигра некаква позитивна улога и да ја замрзне војната, не да го реши конфликтот и да престанат воените дејствија“ ,вели Малески на прашањето дали со изборот на новиот американски претседател ќе може да се очекуваат нови гео-политички поместувања.

„Многу е веројатно дека битно ќе се променат односите помеѓу Америка и Европа во целина. Трамп овој пат ќе биде поподготвен да се соочи со европските водачи, во смисла дека уште повеќе ќе инсистира на својата политика, а тоа е Европа, европските држави да се грижат за својата безбедност, а се зборува дури и за можност Америка да се повлече од НАТО, што би отворило огромни прашања на европскиот континент околу можноста европските држави, толку поделени, фрагментирани да се договорат за така важна работа како што е нов безбедносен поредок.

-Мислам дека апсолутно ќе изостане досегашната посветеност и фокусот на Вашингтон во однос на Европа и регионот. Самата девиза на Трамп – „Америка на прво место“ е повик на секој за себе, за разлика од демократите коишто го негуваа мултиратерализмот, соработката со другите држави, во градење на единство, единство на евро-атлантскиот свет, Трамп нема такви идеи, нема такви амбиции.

– Неговата цел е како да направи од Америка побогато општество и како да ги израмни сметките со оние сојузници коишто живеат на сметка на Америка кога е во прашање нивната безбедност. Така што веќе тој спрема високи тарифи, ќе се обиде да се огради од Европа и од европските индустриски сили, потези во економијата кои сигурно ќе се рефлектираат и во политиката, во смисла на оддалечување помеѓу Америка и Европа“, потенцира Малески.

Што ќе значи за Балканот, за Македонија, победата на Трамп

„Гледам кај нас се отвори оваа дебата, па се промовира тезата дека новата власт се сретнала со некакви потенцијални идни кандидати за во администрацијата на Трамп преку кои ќе влијаеме за доброто на Македонија. Тоа според мене е прилично плитка анализа.

Анализата е дека сега европско-американските односи ќе се нарушат и мене ми е просто запрепастувачки кога слушам некои мои помлади колеги коишто не ја разбираат таа ситуација и положбата во којашто ќе се најде Македонија, доколку се промени овој американски став, а имено доколку Европа биде принудена да почне да дебатира за својата безбедност и за своја автономија виза ви овие непредвидливи потези коишто се спомнуваат е крајно непредвидливо што ќе се случи. Горе-долу ако сегашното поведение на еден човек го цениме по неговото претходно поведение, тогаш треба сериозно да се загрижиме. Јас мислам дека уште порадикално ќе настапи Доналд Трамп, сега откога ја запозна подобро таа сфера на високата политика од која целиот живот бил исклучен како бизнисмен.

„Сите се сеќаваме дека 25 години спорот меѓу Македонија и Грција го третираа Американците како билатерален спор. Сите нивни амбасадори велеа – тоа е билатерално прашање кое вие треба да го решите. Во моментот кога под притисок на руското влијание на Балканот, Америка мораше да одговори со збивање на своите редови на Балканот, одеднаш се активира американската дипломатија.

– Изврши притисок на двете земји, најде сојузници во двајца храбри млади политичари, Заев и Ципрас, кои ги поведоа своите партии во таа американска насока и така се издејствува „Преспанскиот договор“. Без тој американски интерес во моментот, кој не постоеше претходно, а се појави во моменти кога почна она што веќе наликува на нова „Студена војна“, во секој случај на еден многу сериозен ривалитет помеѓу големите сили – Русија и САД, проблемот ќе си останеше и до денеска, рече Малески одговарајќи на констатацијата дека во 2018 година Трамп при потпишувањето на „Преспанскиот договор“ рече дека тоа е најголемото достигнување во историјата на Балканот после „Дејтонскиот договор“.

Погрешна надворешна политика може да не одведе до губење на државата

„Кога бев млад асистент прочитав една книга која многу ме замисли. Во неа пишуваше вака: Ако човештвото биде уништено тоа нема да биде заради епидемија како во минатото, или за глад, туку ќе биде од надворешна политика. Тоа ме замисли многу и ме привлече кон оваа дисциплина. Сега кога дојдовме на работ на конфликти во Украина и можноста да се оствари она апокалиптично сценарио за уништување на планетата Земја, разбирам колку е важна меѓународната политика.

-Ова што го имам кажано за Македонија држи, затоа што големи сили можат да прават и големи грешки. Кина и културна револуција имаше, правеа што сакаат, можеа да се оттргнат од светот и пак да се вратат кога сакаат. Малите држави одат по острица на жилет. Не смеат да ги згрешат проценките за тоа што се случува во меѓународната политика, оти можат да се најдат во ситуација во која што се нашол Макијавели кога како министер за надворешни работи на малата Фиренца имал основна задача да предвиди кој ќе победи во меѓународната политика, на која сила да му се приклонат за да не се соочат со пропаст на државата, па пред портите на заокот да им се појави непријател наместо пријател.

Говорејќи за македонско – бугарскиот спор, евентуалното американско посредништво и јазолот помеѓу двете земји, Малески смета дека тоа се лажни надежи и што ќе се случи ако дојде некој од надвор каде точно ќе пресече.

„Да не пресече многу блиску до твојот врат. Што ако пресече на погрешно место? Ние не можеме да знаеме што ќе се случува на релација САД – Европа, а камоли некој да се интересира за македонско – бугарските оддноси. Тука работите се горе – долу чисти.

Јас како ја читам меѓународната политика – Бугарија, бидејќи е послаба во меѓународните односи од Грција, мораше да попушти под притисокот на Вашингтон и на Брисел и да го тргне ветото. Ние тука не реагираме и не го разбираме ова. И со „Францускиот предлог“ да речат – Не на оваа држава доволно и беше чекање, таа мора да се движи во процесот на преговори, а разликите што ги има со својот сосед Бугарија треба да се решат низ еден паралелен процес. Тоа би требало да се прогласи за успех кај нас. Но не, ние сакаме гаранции…ама уште еднаш да не биде. Амбасадорот на Холандија рече – што ви е Вам, па почнете ги преговорите, терајте разговори со Бугарија да видите да се разберете како луѓе околу минатото и на крајот со тие пари во тој процес направете од Македонија Швајцарија и кажете не сакаме да влеземе, бидејќи Бугарите не уценуваат со историјата. Не! Ова се е ставено во служба на политичкото наддавање, да се заграби власта и да се задржи што е можно повеќе. Заедно со тие „трабанти“ од мојата професија, коишто слабо читаат, слабо знаат, не се просветуваат, туку гледаат само кај се движи политичкиот ветер, од каде дува, дали во прилог на нивната политичка опција, партија или не и тука доаѓаат со своја поддршка, вели Малески.

Целото интервју со Проф. Денко Малески, дадено за магазинот „Трилинг“ погледнете го во видеото

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO