Исходот од преговорите во процесот на приклучување на Западен Балкан во Европската Унија (ЕУ) е директно поврзан со исходот од војната во Украина, вели за Радио Слободна Европа, Весела Чернева, заменик- директорка на Европскиот совет за надворешни работи и шефица на канцеларијата во Софија.
„Затоа што ако Украина ја изгуби војната, тогаш не гледам перспектива за проширување“, смета Чернева.
Таа посочува дека пристапниот процес функционира само кога општествата во земјите кандидати навистина сакаат да влезат во ЕУ.
„Украинците беа подготвени да се борат за тоа. Но, ако општествата во тие земји не се подготвени да се борат за нивните демократски реформи, ЕУ не може да го направи тоа за нив“, вели Чернева, коментирајќи го фактот дека само нешто повеќе од 30 отсто од српските граѓани го поддржуваат членството во ЕУ.
За неодамнешните договори на Србија со ЕУ за литиум и Франција за купување на борбени авиони Рафал, таа посочува дека освен бизнис и безбедност, има и демократска димензија.
„Кога зборуваме за проевропските сили во Србија, а со некои од нив работам многу, многу години, разбирам дека тие навистина се плашат дека никогаш повеќе нема да има место за нив, бидејќи на Вучиќ се гледа како европски политичар. Со сите овие неправилности, со состојбата на општествениот систем, со колапсот на демократијата, многу од овие луѓе веројатно се чувствуваат изневерени“, вели заменик-директорката на Европскиот совет за надворешни работи.
Таа вели дека Србите не треба да престанат да се потпираат на Европа.
„Мислам дека ќе ја најдат вратата отворена во моментот кога сакаат Европа да им биде партнер во промената на Србија. Но, мислам дека засега европските влади се обидуваат да го направат она што е можно и сосема е јасно дека Вучиќ има други опции. Затоа се обидуваат да најдат начини да ја доближат до Европа“, оценува Чернева.
Таа наведува дека можете да бидете цинични, па дури и скептични за вредноста на ЕУ кога сте далеку од членство.
„Во моментот кога ќе се зближите, тогаш мора да се усогласите не само за надворешната политика, туку и за сите други вредносни премиси кои ја држат ЕУ заедно. Мислам дека затоа ЕУ и некои земји-членки сега така ја третираат Србија, бидејќи таа не е ни блиску до членство во европскиот блок“, посочува Чернева.
Затоа, според неа, ова е пресвртница.
„Ако српското општество и политичарите одлучат дека членството е нивна цел и вложат повеќе напори на тој пат и, во исто време, тоа членство е веродостојно (затоа што ЕУ исто така треба да обезбеди веродостојни знаци дека сака проширување), тогаш ваков вид односи повеќе нема да бидат можни“, смета Чернева.
Приматот на геополитиката над демократијата во Србија
Многумина сметаат дека по договорот со ЕУ за литиум и купувањето на францускиот Рафал, Србија се повеќе се врти кон Запад, иако се обидува да балансира во меѓународната политика. Дали, на пример, купувањето на француски борбени авиони „Рафал“ е само трговски договор или е исто така од стратешко значење затоа што по неколку децении Србија во воздухопловството, наместо руски ќе има западни авиони?
Ова е, се разбира, геополитички важен договор бидејќи го означува влезот на голем европски производител на оружје во Србија. Ова, истовремено, значи и подобрување на односите меѓу Франција и Србија во многу практична смисла. Спомнавте авиони Рафал, има и проект за изградба на метро, а можеби и нуклеарна централа. За мене клучното прашање е дали тоа е дел од поголемо свртување на Србија кон Европа или не?
Ако на тоа се додаде договорот за литиум со Германија и другите европски производители, ова за Србија изгледа како некаков европски момент.
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука