Ако напишеш дека Архиепископот лаже, ќе те направат будала. Невозможно е поп, а камо ли владика да лаже. Но, ако си долги години во околината на луѓето од Црквата, особено како новинар и знаеш за нивните човечки карактеристики и ако знаеш дека невистина се многу зборови, бидејќи си информиран и знаеш за што станува збор, тогаш сфаќаш дека некој свесно прави будали од два милиони луѓе.
Невистинити манипулации со гол популизам. Така некако најсоодветно, најкратко и најточно може да се искоментира вчерашната изјава на Архиепископот. Неколку аспекти се важни, кои го одредуваат тоа.
Првиот е моментот. Зошто сега? Ако е точно тоа што Архиепископот го зборува, тогаш зошто молчел цели две години на таа тема? Ако е така, како што вели, тогаш зошто МПЦ-ОА воопшто бараше апелација од Вселенската патријаршија? Ако е вистина се ова, зошто Архиепископот пишуваше писма до Вселенскиот патријарх, зошто јавно на проповедеи, меѓу кои и на онаа во Белград во 2022 година повикуваше дека Вселенската патријаршија треба да издаде Томос за автокефалноста на МПЦ-ОА? Ако е се ова вистина, тогаш дали се невистините изјавите на најмалку тројца други Архијереи, кои во одделни интервјуа изминативе половина година зборуваа дека условите од Фанар не се такви, какви што ги претставуваше еден друг залутан и во простор и во црквата владика?
Бидејќи две спротивставени ставови не можат да бидат вистина, затоа што ако едното е вситина, тогаш како вистина го исклучува другото, односно го прави невистинито (што би рекол еден мудар архијереј), тогаш што е вистината?
Вториот аспект е местото и начинот. Ако новинарски се анализира, а јас барем за тоа сум експерт, тогаш знам дека одредениот медиум имал и задача и прашања кога, каде и како да го праша Архиепископот. Бидејќи новинарите се изморија две години да го ловат Архиепископот по сокаци, откако ги одбиваше сите понуди за интервјуа, никој без претходна координација не би одел во подпланиска селска црква да го чека за изјава, ако знае дека џабе ќе го чека … Тоа значи дека изјавата има и намена, има и цел. Која и каква? Ќе покаже времето.
Третиот аспект е најважниот. Обидот за манипулација. Таа може да биде свесна, или несвесна. Несвесна е ако на овој начин се обидуваш да им се допаднеш на популистите, кои во овој момент се мнозинство, а свесна е ако тоа го правиш намерно, со јасна цел, бидејќи и самиот си популист. И во двата случаи, манипулацијата си носи и своја цена. Во свесноста се свесен и за цената, во несвесноста цената доаѓа подоцна. Оние кои вчера му аплаудираат, за кратко време ќе го плукаат за теми како на пример автомобили, бизнис зделки за згради во центарот на Скопје и редица други теми за кои популистите секогаш си се популисти. Одењето по популистите најчесто завршува во кал. А таму популистите ниту сламка нема да подадат, бидејќи кога си во калта, ти веќе не си им потребен. Тоа е таа цена за која многумина кои тргнале по популистите на крајот и ја платиле.
ИЗВРТЕНИ ТЕЗИ
Архиепископот вчера набројат три причини како услови од Цариград за Томос, а кои се неприфатливи за МПЦ-ОА. Два од тие три наводни услови се памфлетот на популистите со кој мавтаат веќе две години, а третиот е причина со која МПЦ-ОА е заложена да ги штити руските црковни и национал-шовинистички интереси. Името, дијаспората и Украина. Од овие три причини, една е класична лага – дијаспората, другата е извртување на тези – името, третата веќе е сосема јасно – Украина.
Архиепископот многу добро е запознаен со сите три причини и затоа е несфатливо зошто од нив прави популизам.
Сериозен и одговорен поглавар на која било црква не може да калкулира со канонските прописи, туку на верниците им ја објаснува суштината, а не формата. Поглавар на црква знае дека името кое се споменува е форма на официјално именување на црквата, а не нејзино народно преименување. Архиепископот знае, ама јавно друго кажува, дека Вселенската патријаршија не бара преименување или забранување на МПЦ-ОА да себе се нарекува како сака во својата уставна форма на устројство. Вселенската патријаршија не наметнува име, туку нуди избор на официјално именување, што ретко на која црква и го понудила при потпишувањето на Томосот за автокефалност. Вселенската патријаршија кога издавала Томоси до сега не се пазарела со имиња, туку ја користела секогаш формата на именување на црквата по името на државата. Патријаршија на Бугарија, Обединета Црква на Кралство СХС, Архиепископија на Атина и на цела Грција. Црква на Албанија и така натаму. Архиепископот знае дека веќе две години Вселенската патријаршија ја нуди опцијата официјалното име на МПЦ-ОА заведено во диптихот на православните цркви да биде Охридска Архиепископија и знае дека во разговорите со Цариград им е предочено дека не се бараат никакви форми на уставни измени, бидејќи Уставот на една црква е интерен, внтарешен документ на уредување. Има цркви кои немаат ниту Устав, туку некаква своја форма на акт во кој е пропишано функционирањето на црквата. Впрочем Вселенскиот патријарх, слободно може да го напише Томосот на име Православна Црква на Северна Македонија, но ете поради некои други причини решил да удоволи на барањето на самата МПЦ-ОА за возобновување на Охридската Архиепископија. Во самото барање за апелација до Вселенската патријаршија од мај 2018 година, сите Архијереи на МПЦ-ОА му пишуваат на Вартоломеј дека: „веќе подолго време, како што е природно го користиме називот на древната и најсвета Архиепископија Охридска за нашата црква, нешто што може да претставува сигурен и благонадежен темел за конечно уредување и на оваа суштинска страна на целото прашање“. Што е овде спорно, за да од тоа денес се прави драма?
И затоа популизам е кога знаеш дека национално именување на црква во официјално нејзино име нема, а ти упорно тврдиш дека на тој начин некој се обидува да те обезличи, или да ти го менува името. Популизам е кога знаеш дека и црквите кои го користат националното име во својата комуникација тоа име го вадат од името на државата, а не од името на нацијата, а ти упорно тврдиш дека „македонската црква“ е македонска затоа што е само на Македонците. Македонската црква е на сите, па и на оние кои се атеисти и на оние кои не се православни. Јас знам дека меѓу македонските католици има многу кои ја сакаат МПЦ-ОА повеќе и сакаат да ја видат како автокефална, од некои православни популисти, како што истото го сакаат и атеисти, па и муслимани. Хранењето на популизмот е како хранење на Аждаја. Од страв да не те проголта, ти ја храниш надевајќи се дека ќе ја умириш, наместо да ја припитомиш. Колку повеќе ја храниш, таа е толку поголема и погладна.
ПОВТОРЕНАТА НЕВИСТИНА НЕМА ДА СТАНЕ ВИСТИНА
Прашањето за дијаспората е уште поедноставно, бидејќи тоа воопшто не е тема од аспект на постоење на дијаспората. И затоа исклучително загрижувачки е ставот на Архиепископот кој лежерно, без каква било одговорност, вели дека ќе сме ја отстапиле дијаспората кога тоа ќе го направеле и другите цркви. Вистината на оваа тема е сосема друга. Вселенската патријаршија не бара никакво отстапување на македонските цркви во дијаспората, ниту пак некакво назначување грчки владици за управа, како што тоа не го бара од ниту една црква. Архиепископот многу добро знае дека прашањето за дијаспората е засега затворено прашање и со одлука на Соборот од Крит, каде практично се останува исто. Секоја црква си ја уредува сама дијаспората каде ја има формирано. Новина е формирање на Совет на епархиски архијереи како заедничко тело на сите цркви кое треба да се формира од архијереите во дијаспората на сите цркви. Она пак што Фанар го бара од МПЦ-ОА во моментов е архијереите на МПЦ-ОА во дијаспората, а тоа во моментов се четворица, Пимен, Методиј, и двајца администратори Петар и Тимотеј, да не се поклопуваат со титулите на архијереите на Вселенската патријаршија. На пример ако Владиката на Вселенската патријаршија во Америка има титула „Американски“, Владиката Методиј од МПЦ-ОА да не ја има истата титула. Што значи, прашањето за дијаспората не е суштинско, туку административно-техничко прашање кое во ниеден случај не може да биде неприфатливо.
Мешањето лончиња со случајот во Украина, каде Православната црква на Украина нема дијаспора, е исто свесна манипулација. Таа црква никогаш немала организиарана дијаспора затоа што најголем дел од дијаспората на поренешниот Советски сојуз беше организиарана од Задграничната руска црква, а оние Украинци, патриоти и кои не се согласувале со Русија, оделе во црквите на Вселенската патријаршија. Така што овие две прашања се неспоредливи за споредување.
ЗА ТУЃИТЕ ИНЕРЕСИ
Третото прашање Украина е всушност болната точка на Фанар. И тоа е единствената точка која може да се толкува од агол на некакво форма на условување. Но, причината за тоа е домашна, на самата МПЦ-ОА, бидејќи таа одбра да биде штитач на руските црковно-национал-шовинистички интереси, на штета на своите сопствени македонски црковно-државни интереси.
Вселенската патријаршија од МПЦ-ОА не бараше признавање на Автокефалната црква на Украина за да добие Томос, туку бараше јакнење на односите и по извесно време сослужување. Но популистите во Македонија наметнаа тема за наводно признавање, иако нема логика во таков чекор пред издавање Томос за автокефалност. Како може неавтокефална црква да признава друга црква за да добие Томос за автокефална? Но кај што буши популизам, не буши логика.
Вистината е дека Фанар бараше меѓусебна поддршка, бидејќи и ПЦУ и МПЦ-ОА се две цркви кои стануваат автокефални со Томос на Вселенската патријаршија. Чекорот го потегна Епифаниј испраќајќи писмо со честитка за канонскиот статус на МПЦ-ОА. Дали Архиепископот одговорил на тоа не ми е познато. Потоа требаше да следува неформално сослужување на некои архијереи на МПЦ-ОА и на ПЦУ негде и тука ќе завршеше темата Украина како услов за Томос. Но, што се случи? Работниот Синод ничем изазван донесе одлука со која реши дека МПЦ-ОА ќе ја признае ПЦУ тогаш кога ќе ја признаат сите цркви. Големата и велелепна МПЦ-ОА, која од шизма излезе пред една година, реши да поставува услови што ниту една романска црква не би се осудила да ги поставува. Ама кога си бил надвор од православната екумена, затворен во својот конформистички модел на црква, не ни можеш да мислиш поинаку, освен дека светот се врти околу Магарево.
Таквата скандалозна одлука предизвика сериозна загриженост во Царигард, а дома секако популистички аплаузи. Но, и покрај тоа во серија разговори за пеглање на работите, Вартоломеј предлага да се ублажи одлуката со форма слична на некоја од другите цркви. Точката доаѓа на дневен ред на Синод во полн состав, и наеднаш популистите два-тројца паѓаат у несвест, правејќи такви скандали, што на крајот Синодот не носи одлука и така МПЦ-ОА останува заглавена заради популизмот и русофилството на поединци во Синодот.
Тоа е вистината за трите услови. Еве ако не е така Архиепископот нека дојде на интервју, и да поразговараме отворено. Можеби има работи кои јас навистина не ги знам.
ЗАГУБЕНАТА НАДЕЖ
Но, едно е сосема сигурно. Вчерашната наменска изјава на Архиепископот расветли две работи. Едната е дека тој е Архиепископ на популисти и дека сосема сигурно ја затвори вратата во Цариград за автокефалноста на МПЦ-ОА. На таа тема, таму веќе е ставено точка. Сега е суштински важно како ќе се случува расплетот на неуспешниот обид за возобновување на древната Охридска Архиепископија како рамноправна црква на современиот свет на автокефални помесни православни цркви.
А тоа не е воопшто тешко да се предвиди. МПЦ-ОА прокоцка историска шанса и период во кој имаше можност да профитира, не заради тоа што некој многу ја сака, туку заради тоа што таа 2022 година така се наместија коцките на нејзина страна. Се можеше да се реши во шест месеци и за Божик 2023 Вартоломеј во Охрид да го потпишеше Томосот за древната Охридска Архиепископија. Но наместо тоа, МПЦ-ОА одбра на именден на Архиепископот да го нагости рускиот шеф на црковната дипломатија и од опцијата „и“ „и“, да се прешалта на опцијата „или“ „или“. Или Москва или Фанар, и таа одбра Москва. Еуфоријата во тие шест месеци во кои се редеа одлуки на помесните цркви за прифаќање на решението на Фанар за враќање во канонско единство, за македонските владици беше заслепувачка светлина мислејќи дека тоа ќе трае вечно. Нејзината недипломатичност, неукост, неискуство, а пред се националистички и популистички изјави во месеците потоа, се до сега, практично ја разоткрија МПЦ-ОА во очите на останатите цркви дека таму и не е се баш зрело. Можам да го замислам на пример Иринеј Буловиќ како вчера телефонски комуницирал со своите пријатели од Фанар или Атина, националистички настроени архијереи кои цело време негодуваа кај Вартоломеј за постапките што ги прави кон МПЦ-ОА. Краткиот коментар на Буловиќ би бил во контекст на „Абе ви велев јас дека тоа таму долу не е Црква …“
И додека МПЦ-ОА се занимава со евтин популизам и ја турка подадената рака, не гледа дека геополитичките околности во православниот свет се менуваат на нејзина штета. Бугарската црква е следната што и официјално ќе ја прифати авткефалноста на Украина, по нејзе веројатно ќе биде Романската, Албанска, а ништо чудно за некоја година и Српската. Дотогаш МПЦ-ОА веројатно нема да го има ниту ова што сега го има, затоа што добар дел цркви потајно ќе се повлечат од практиката и на сослужувања, а бројот на цркви кои го признаа Томосот на СПЦ, може и да се преполови.
И во таков случај СПЦ легитимно би се позиционирала на еден поинаков став … На пример: Вие баравте да ви дадеме автокефалност … Еве ви ја дадовме, но гледате другите цркви не ја прифаќаат … Што сакате повеќе? И така еден убав ден Стефан би бил Архиепископ на црква со статус како оној на Белоруската …
Автор: Марјан Николовски, преземено од religija.mk
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука