Васијан Змеев, шефот на руското црковно подворје, главен координатор на руската црковна политика на Балканот, замина од Софија, но останува клучната дилема дали со тоа исчезнува и дрското руско-црковно влијание на овоие простори, пишува Марјан Николовски за религија.мк.
Првичната одлука на македонските безбедносни служби да му забранат влез, а подоцна и на бугарските безбедносни служби да го протераат од Софија, веројатно само времено ќе ги паузира активностите на руската црква, се до нова стратегија. Впрочем овој случај покажува дека Софија и Скопје можат да бидат и координирани во контрола на државните интереси, но веројатно ако тоа некој друг го контролира, во случајот заеднички именител е членството во НАТО на двете држави.
Заминувањето на Архимандритот Змеев од Балканот ја откри неговата тајна црковно-дипломатска политика која пред се имала за цел предизвикување нов црковен раскол во Македонија.
За упатените тоа и не беше некоја тајна, ако се знаат дрските настапи на двајца владици во Синодот на МПЦ-ОА изминативе десетина месеци, заканувајќи се со протести, нови цркви и скандали, ако Синодот не оди по нивниот ум.
Но, РПЦ нема тука да застане таа продолжува да делува и пред по протерувањето на архимандритот Змеев. Руски владици од Унгарија и Словачка веќе ја превземаат мрежата поставена од Архимандритот Змеев.
МПЦ-ОА клучно безбедносно прашање
Во позадината на оваа приказна е судирот Москва-Фанар, во кој руската црква се обидува да ја внесе МПЦ-ОА помеѓу, односно да ја престрои во својот двор. Признавањето на МПЦ ОА е сериозен безбедносен проблем и закана по националната безбедност уште од посетата на Рускиот Митрополит Антониј. Некои неофицијални информации велат дека посетата на Митрополитот на РПЦ, Антониј, шеф на одделот за надворешни работи на Руската црква, по Божиќ 2023 година, е пресвртница во односите на МПЦ-ОА со Вселенската Патријаршија. Змеев подоцна само ја игра улогата на курир кој ги носи во Скопје веќе утврдените одлуку во Москва, за да МПЦ-ОА ги аминува.
Некои информации велат дека секој обид на поединци од МПЦ-ОА да балансираат, или со други зборови речено да опонира на руските позиции, на моменти бил дрско и со уцени одбиван. Една од тие уценувачки формулации секогаш била дека ако МПЦ-ОА продолжи да се координира и да бара автокефалност од Вселенската Патријаршија, тогаш Руската црква ќе ја екскомуницира, а дополнително ќе изврши притисок и врз најмалку две други цркви тоа да го сторат. Користејќи ги емоциите околу името, честопати македонските соговорници од црковна Москва биле потсетувани дека е можно да признаат и друга црковна структира од владици кои во таков случај ќе се одвојат и ќе направат нова црква во Македонија.
Дали македонските архиери за тоа ги алармирале безбедносните служби е прашање на кое никој не сака да зборува. Формално никој не сака ниту да потврди дека такво нешто се случувало, но реалниот расплет на односите укажува дека МПЦ-ОА од Јануари оваа година е под силен руски притисок. Дополнително скандалозно е што во сржта на тој притисок не е македонскиот црковен интерес, туку лично рускиот црковен интерес.
Што во моментов е клучниот проблем?
Во јавноста во Македонија уште од мај 2022 година, односно само три дена по историската одлука на Вселенската патријаршија да ја врати МПЦ-ОА во канонско единство, под името Охридска Архиепископија беа отворени три прашања кои имаа за цел да предизвикаат револт во јавноста.
Првото е секако именувањето на црквата, второто е прашањето за дијаспортата и третото некакво грчко влијание и отстапување на некакви цркви и манастири на Вселенската патријаршија. Сите овие три прашања имаат за цел да ја манипулираат јавноста, со намера да се сокрие суштинскиот проблем на кој работеше Руската црква во меѓувреме.
Именувањето на црквата не е никаков проблем, затоа што во случајот не станува збор за преименување, туку за име под кое црквата ќе биде запишана во диптихот на православните цркви. Банално е е веќе да се објаснува дека не постои црква запишана во диптихот на Вселенската патријаршија под национално име, освен под дрвените имиња на црквите, или по територијата на државата каде се формирани. Но за потсетување изборот е Охридска Архиепископија, или Православна црква на Северна Македонија. Во обидот да се манипулира јавноста се ширеше и теза за некаква ерга омнес опција, што е ноторна невистина. Едноставно Вселенската патријаршија бара кога нејзе и се обраќате да го користите името под кое сте запишани. Впрочем и сите цркви денеска го практикувата тој принцип.
Прашањето за Дијаспората е сто пати елаборирано во текстовите на религија.мк. Тоа е класична манипулација без никаква аргументација.
Дали МПЦ-ОА ќе и овозможи на Вселенскат патријашрија подворје, или не, е прашање на заедничи договор меѓу двете цркви. Денеска постојат многу цркви кои имаат подворја, но тоа е реципрочен момент. Ти мене таму, јас тебе овде. Со други збориви, ако МПЦ-ОА овозможи подворје на Вселенската патријаршија во Македонија, Вселенската патријаршија треба да и овозможи подворје на МПЦ-ОА во нејзината канонска јуриздикција. На пример на Света Гора, Смирна, можеби во Северна Грција…
Ништо од овие три теми денеска не е на маса во разговорите меѓу Охрид и Фанар. Се што на јавноста и се сервира е лага.
Разговорите во моментов се во статус кво ситуација. Последните средби на македонски владици со претставници на Цариград беа во Март кога на средба со Вартоломеј беа владиците Наум и Тимотеј и во Јуни кога на средба со Вартоломеј беше Јосиф Тетовски. Измеѓу тие две средби има еден, клучен-суштински момент, кој го чини проблемот.
Заложници на руските интереси
Неполн месец по средбата на Тимотеј и Наум со Вартоломеј, тричлениот Синод на МПЦ-ОА донесе скандалозна одлука со која ги замрзнува сите можни односи со автокефалната црква на Украина.
Одлуката на Синодот, која гласи: „Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ ОА), на својата редовна седница, одржана на 28 март 2023 година, разгледувајќи го прашањето за литургиско сослужување со Православната Црква на Украина (ПЦУ), по опстојна дискусија, одлучи да не сослужува со јерархијата на Православната Црква во Украина, до конечно решавање на нејзиниот статус во полнотата на Православието“ е практично позиција напишана во Москва и делегирана на усвојување во Скопје. Таква тврда одлука, во која стои дека нема да се сослужува со ПЦУ до конечно решавање на проблемот во превод значи „сослужување никогаш“, бидејќи за конечно решавање на проблемот е потребна и руска согласност, што е научна фантастика. Сите останати цркви, кои се уште не се одлучиле да ја признаат ПЦУ, имаат став во кој повикуваат на решение, но ниту една не донела одлука дека нема да сослужува до конечно решение на спорот. На пример, Српската црква која е исклучително блиска до Руската донесе став дека не ја признава ПЦУ, но меѓу другото напиша: „Соборот на СПЦ и предлага на Цариградската патријаршија и на сите останати помесни автокефални православни цркви да прашањето за автокефалност и прашањето за православната дијаспора што е можно побргу да се разгледа на сеправославниот собор, со цел да се потврди и да се зајакне соборноста и единството и во иднина да се избегнат искушенијата како што е ова, низ кое сега поминува православието“.
Но, одлуката на МПЦ-ОА за Украина одекнува неочекувано во Фанар, особено што дваесетина дена претходно биле прецизирани голем дел од точките меѓу двете цркви за патот по кој треба да се стаса до целосната автокефалност.
Средбата во јуни на Јосиф Тетовски со Вартоломеј е само потсетување на договорените три точки. Веста е пренесена во Скопје и бидејќи по Устав оваа одлука за Украина треба да ја потврди полниот состав на Синодот на МПЦ-ОА, по веќе договорените детали треба да се случи нејзино ревидирање, но не во суштината, туку во формата и тоа на предлог на Фанар. Двајца владици во Синодот прават скандал и точката е симната од дневен ред.
Што се барањата на Вселенската патријаршија?
На овие две средби во Фанар во март и во јуни на македонските владици им биле посочени три точки, кои практично не се никакви барања, туку точки по кои треба да се стаса до договор за Томос.
Првото е сами да одлучат дали сакаат во диптихот да бидат запишани со името на древната Охридска Архиепископија, наследувајќи ја целата нејзина историја, или да бидат запишани како Православна црква на Северна Македонија. Овде има и доста интересни детали од тие разговори, кои засега не е корисно да се експонираат, но индиректно значат негирање на тезата дека станува збор за Ерга омнес.
Второто клучно барање е МПЦ-ОА, доколку планира во иднина да назначува нови митрополити надвор, односно во дијаспората да води сметка да не се поклопуваат со титулите на митрополитите на Вселенската патријаршија. Тоа практично не е никаков проблем, бидејќи и сегашните титули на четворицата архиери во дијаспората не се поклопуваат со титули на владици на Вселенската патријаршија.
И доаѓаме до третата клулчна точка. Советот на Вселенската патријаршија е дека МПЦ-ОА станува автокефалната црква со Томос на Фанар, исто како што и ПЦУ стана автокефална црква со Томос на Фанар. Позициите на Вселенската патријаршија се дека во догледно време, МПЦ-ОА и ПЦУ треба да воспостават комуникација во нивен заеднички интерес, односно меѓусебно признавање. Тоа не мора да се случи пред издавањето на Томосот за МПЦ-ОА, туку тогаш кога ќе се создадат услови, формални или неформални.
Во периодот по одлуката на Синодот на МПЦ-ОА за Украина, Вселенската патријаршија се обидува да и предочи на МПЦ-ОА дека нејзиниот став за Украина е прерадикален, советувајќи ја како да го избалансира. Внимавајте не да го промени, Вселенската, за разликаа од Руската црква, не ја уценува МПЦ-ОА со признавање, или непризнавање сега и веднаш на Украина. Но обидот да се стаса до тоа го блокираат двајца владици на МПЦ-ОА, кои веќе отворено застапуваат руски црковни, па и политички интереси.
Времето одминува…
Пополека, но сигурно се стеснува кругот во македонскиот црковен врв чие време за одлука веќе поминува. Приказната по протерувањето на Змеев е веќе предалеку отидена и руските шпиони кои наводно се во црковна одежда на црковни високи позиции, или сами ќе остапат, или тоа од нив ќе мора да го побара Архиепископот Стефан кој цело време одржува крајно симптоматични контакти и средби со претставници од руската Амбасада и нејзниот прв човек Сергеј Александрович Баздникин за што неколку пати имаат реагирано безбедносните служби. Кој ќе ја превземе одговорноста кај нашиот Црковен врв за сите средби и контакти со Змеев?! Дали е време за контраразузнавачка операција во македонските високите црковни редови или сами ќе остапат со образложение за нарушена здравствена состојба и ќе се им се придружат на своите веќе пензионирани црковни собраќа од манастирот? Врската на поедини македонски владици со помали политички субјекти во земјата со проруски ставови исто така безбедносните служби ќе треба да ја стават на дневен ред. Се очекува клопчето да се одмотува по протерувањето и во Скопје, затоа што во црквата има луѓе кои биле во постојан контакт со Змеев, затоа што сите негови средби овде биле претходно подготвувани. МПЦ ОА повеќе од сигурно е дека засега е спасена од канџите на Московската Патријаршија. До кога е вистинското прашање….
Преземено од religija.mk
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука