Поствоената комунистичка политичка елита, односно партизанската номенклатура, преоблечена во функционерски одела, по конституирањето на СР Македонија, како една од шесте рамноправни политичко-републикански единици во рамките на новоформираната СФР Југославија, освен инфраструктурно, институционално и социјално, младата македонска република , а со тоа и младата македонска нација, мораше да ја изгради и историско-национално, односно да ја напише македонската историја.

Поради собитијата од минатото на македонскиот народ во деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, во времето кога се изградија националните држави на поробените балкански народи, а со тоа се конструираа и новите политички признати нации на Балканот ( грчката, српската, бугарската и албанската), како наратив кој беше одбран, прифатен и одобрен од комунистичката номенклатура, диригирана од моќниот центар на север од нас- политички Белград, кај нас веднаш се тргна во (о)сознавање на македонската нација на целосен антибугарски сентимент.

Осумдесет години подоцна, состојбата на терен е и повеќе од јасна: целосна омраза и негација помеѓу македонскиот и бугарскиот народ и нации, кои во времето на Гоце Делчев и Христо Татарчев беа едно цело, поделено во територијално- роднокрајни граници, но не во поимањето на одделноста на посебноста на производот на етнонационалноста.

Сите се виновни: малку или многу!

Македонската нација, се создаде како одговор на големите сили за решавање на сложеното македонско национално прашање: вечната битка на Србите и Бугарите за присоединување на Македонија во рамките на нивните државни граници, бидејќи грчката Македонија беше „затворено“ прашање. По балканските војни , во кои Бугарија од најголем претендент за своите „природни“ права врз етногеографската територија на Македонија, на која живееле македонски Бугари, стана најосакатената, а со тоа и најисфрустрираната балканска држава со најмал „плен“ од раздобјето на Македонија во Букурешт во 1913-та година.

Тоа го роди наново ВМРО, но овој пат во својата најавтентична и најбрутална верзија-како прва , но и најмоќна воено- терористичка организација на тлото во Европа, која го изврши атентатот на српскиот престолонаследник во Марсеј, Франција, во 1934-тата. Во тие децении на постојани тензични меѓусоседски односи помеѓу Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и Царството Бугарија, великите сили репрезентирани , пред се во Москва, но и Виена и Лондон, за да го „завршат“ за век и векови македонскиот проблем , го затворија во рамките на СФР Југославија, како најмал заеднички содржател на сложената равенка , наречена „македонско национално прашање“. Сепак тоа , беше под „мраз “ само половина век, практично до растурањето на поранешната СФР Југославија, кога со прогласувањето на независноста на Македонија, се отвори Пандорината кутија, од која наместо да излезе надеж, излегоа сите историски зла, од крајот на претходниот и почетокот на истиот тој дваесетти век.

Многу пати сум пишувал дека развојот на македонската државност, во односите со соседите, особено со историски најблискиот Бугарија, ќе беше многу поинаква, доколку Македонија се уредеше рамо до рамо со нив во деветнаесеттиот век, во целосните етногеографски граници, како посебна политичка заедница, впишана во картата на светот. Веројатно денеска ќе постоеше посебна македонска нација, но со благонаклонетост кон бугарската и обратно, на бугарската кон македонската ( како молдавската кон романската), а не со целосна омраза ( како руската кон посебноста на украинската) , но за тоа вина сносат сите по малку или по многу: и кусогледоста на сите бугарски политички елити од периодот на преродбата и пост неа , до водството на ВМРО како политички репрезенти на Македонците, но најмногу од сите на големите сили, кои веројатно македонското прашање го користеа како „монета за поткусурување“ во нерешените и испреплетени балкански национални прашања, задоволувајќи ги на тој начин сопствените интереси на Балканот, и во односите со Високата Порта (Отоманската империја).

Последиците ги влечеме до ден, денеска сите без исклучок живеејќи во неподносливата леснотија на омразувачкото живеење, од кое никој , барем нормален во своето рацио и емоции, не видел. Освен корумпираните политички елити, насекаде низ Балканот.

По патот на „закономерноста“ на историјата!

Тоа е драги дами и господа, другари и другарки, стари пријатели. Нашата историја беше напишана и испишана од нас самите, со негативни реперкусии по нас самите, во еден правец, пат од кој назад враќање, за моја голема жал, веќе нема. Бев наивен кога поверував, навистина, дека по потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство, на 01 август во 2017-тата година, од поранешните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов, ќе отвори нова страница во историјата на нашите два народи и на нашите две земји.

Можеби некои луѓе и навистина имаа желба , работите да тргнат во тој колосек и таа насока, но тие таквите, од двете страни на границата се броевме и се броиме на прсти. Се друго беше вклучено во бубањот на пропагандната и хибридна психолошка „војна“ од државната сигурност (ДС) во Бугарија и од нашата „УДБА“, денес модерно именувана како Агенција за национална безбедност. Со сесрдна логистичка и „разузнавачка“ помош од соседните такви во Белград и Москва. За нивен интерес. На штета на нашиот. Како секој пат низ историјата во изминативе повеќе од стотина години.

Автор: Благојче Атанасоски-политиколог

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO