
Случајот со шефот на руското црковно подворје во Софија, Васијан Змеев, кој прво доби забрана за влез во Македонија, а потоа и бугарските безбедносни служби регаираа со негово протерување од Софија, ја бранува бугарската јавност.
Во продолжение пренесуваме една анализа на бугарските медиуми.
Претставникот на Руската црква кај нас, Васијан Змеев, протеран од Скопје како шпион, е поврзан со амбасадорот на Москва кај нас, Елеонора Митрофанова, со сопругата на генерал Леонид Решетников – Олга, со рускиот патријарх Кирил и со русофилите. Тој е во Софија веќе 5 години. Лицето, на кое му беше забранет влез во Република Северна Македонија (РСМ), кај нас е назначен по благослов на московскиот патријарх Кирил, дејствува во негово име и има ранг на црковен амбасадор во нашата земја, заклучи истражувањето на „24 часа – 168 приказни“. Одлуката на властите на РСМ покрена прашања и за неговите постапки во Бугарија. По тој повод, копретседателот на „Демократска Бугарија“, генерал Атанас Атанасов коментираше: „Сите во ДАНС знаат дека овој свештеник овде е претставник на руското разузнавање во мантија. Го прашувам бугарското контраразузнавање – не се срамат од тоа дека тој кој живее и развива разузнавачки активности во Бугарија, е протеран од Македонија, а овде живее во удобност“.
Кој е, всушност, Архимандрит Васијан?
Тој е член на Одделот за меѓуцрковни односи (ОВЦС) на Руската Патријаршија, неофицијалното Министерство за надворешни работи на Кирил Московски. За неговата биографија се знае малку – само официјалните податоци за дипломирањето на духовната семинарија и на академијата, во кои епархии бил свештеник, дека предавал во Московската семинарија и дека бил испратен во белорускиот егзархат пред да дојде во нашата земја. Нема информации дури ниту каде е роден.
Тој е потчинет на митрополитот Волоколамски Антониј, чија посета во екот на војната во Украина (во декември 2022 година) предизвика остри реакции. Змеев присуствуваше на сите негови средби. По посетата на Софија, министерот за надворешни работи на Руската православна црква отиде и до Скопје. Македонските медиуми не наведуваат дали тој бил придружуван од Змеев, но набљудувачите сугерираат дека тој најверојатно дури и ја организирал посетата таму како одговорен за контактот со локалната црква.
Тој беше именуван од патријархот Кирил затоа што до минатата година Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) беше во раскол и немаше начин како таму да има официјален духовник од Москва. Македонскиот медиум „Религија“ наведува дека Змеев неофицијално ја координира целата политика на МПЦ-ОА, поврзана со црковната дипломатија, што довело до прекин на нивните односи со Вселенскиот патријарх за доделување на автокефалност за Скопје.
Но, кај нашиот југозападен сосед открија уште една негова активност, која ги надминува рамките на Виенската конвенција за дипломатски активисти, по што му забранија влез во земјата. Змеев дојде во Софија во 2018 година по скандалот за време на посетата на рускиот патријарх Кирил, кога тој се нафрли на претседателот Румен Радев и на бугарскиот парламент. Најверојатно тој однесувањето на бугарските политичари го поврза со неуспехот на претходниот архимандрит Филип Василцев да ги исполни неговите задачи овде. Веројатно Змеев беше личност од поголема доверба и многу брзо по посетата на поглаварот на Руската православна црква беше поставен за претстојател на Руската црква во Софија. Токму тој ја пречека Елеонора Митрофанова на нејзиниот прв ден во Софија во 2021 година во Руската црква „Св. Николај Мирликијски“. Тоа беше сигнал дека Русија го цени. Оттогаш тој често присуствува на настани на кои е присутен и рускиот амбасадор во нашата земја.
Ова укажува на фактот дека Руската црква во Софија е важна структура за Москва. Ја игра улогата на центар на руско влијание, а меѓу парохијаните нема само Руси, туку и Бугари, Украинци и Молдавци. Се финансира од Синодот на Русија. Нема документ кој би обелоденил дали прима донации и од компании, од такви кои се под санкции поради руската инвазија на Украина, како и од руски државни компании. Што се однесува до службата, покрај Васијан Змеев, во Руската црква во моментов служат уште двајца странски свештеници. Протоереј Евгениј е од Белорусија и тука е скоро 5 години, исто како и првопозиционираниот Змеев. Протоерејот Алексеј е од Украина и е сосема нов во Софија – само неколку месеци. Литургиите се само на руски, иако во црквата доаѓаат и Бугари.
Во Руската црква служат и двајца бугарски свештеници, но имаат право да пеат само во вториот храм на руското подворје – „Свети Панталејмон“ во „Књажево“. За изградба на црквата, општина Софија го подарила местото пред повеќе од 100 години. Темелите биле поставени во 1907 година. На 5 јули 1912 година од својата царска јахта „Стандарт“, Николај II го потпишал Законот за служителите при православниот хрем при руската мисија во Софија со резолуција: „Нека биде“, според претставеното на веб-страницата на Подворјето. По Револуцијата, во него служат емигранти од т.н. Задгранична црква, но во 1947 година Бугарија ја предала на дијацезата на Московската патријаршија. Интересното е што во тоа време во СССР беше донесен закон со кој се даваше советско државјанство на сите руски емигранти во Бугарија. Исто така и на свештениците. Така, комунистите почнаа да го назначуваат свештенството во храмот на кај жолтиот плочник.
Во поново време овој храм беше поврзуван и со уште еден друг добро познат Русин – скандалозниот резервен генерал Леонид Решетников, поранешен шеф на Институтот за стратешки студии при претседателската администрација – тинк-тенк центар за странско разузнавање. Неговата сопруга Олга Решетникова има напишано книга за историјата на Руската црква во Софија, а извадоци од истата се објавени на официјалната веб-страница на „Свети Николај Мирликијски“. Поранешниот стратег, кој дипломирал и работел во Бугарија за време на комунизмот, стана популарен во 2016 година со интервјуто за „Шото на Слави“ во кое тврдеше дека Корнелија Нинова го информирала за претстојната кандидатура на Румен Радев за претседател. Лидерката на БСП негираше таков разговор.
Институтот, раководен од генералот, спроведе социолошка студија за тоа каков треб ада биде профилот на идниот кандидат на Социјалистичката партија. Нарачката е побарана преку тогашниот сопственик на весникот „Дума“ и актуелен лидер на Националното движење „Русофили“, Николај Малинов. Името на Решетников се споменуваше и во 2019 година, кога беше покрената акција против руските шпиони во Бугарија. Обвинителството му забрани влез во земјава, а против Малинов, кој одржувал контакт со него, му подигна обвинение за шпионажа. Вториот доби орден од Владимир Путин, токму кога започна случајот против него. И другите негови контакти таму не се случајни. За време на посетата на Москва, тој се сретнал и со Леонид Решетников. При една од своите посети на руската престолнина, тој разговарал и со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров за тоа како да се подобри имиџот на Русија во јавноста. Николај Малинов е на списокот со санкции според американскиот закон „Магницки“.
Токму тој со години организира собир на русофилите кај Карлово. Но, пред неколку дена најави дека форумот повторно ќе се одржи, но како меѓународен. За да се популаризира Русија. Настанот се совпадна со протерувањето на претстојателот на Руската црква во Софија, Васијан Змеев, од Скопје како шпион. 5.000 луѓе учествуваа на традиционалниот собир на русофилите кај браната Копринка, кој за прв пат беше меѓународно. Беа присутни странцки гости од Австрија, Албанија, Кипар, Романија, Словачка, Турција, Франција, Чешка и Швајцарија. Автор на оваа стратегија е лидерот на движењето, Николај Малинов. Во 2020 година најави дека до 2024 година НД „Русофилите“ треба да премине од бугарско во интернационално. Времето за неговото создавање не е случајно избрано – Москва треба да покаже дека некој ги одобрува нејзините постапки во Украина. „Една од алатките на Кремљ за влијание врз земјите од ЕУ е создавањето социјални движења кои го промовираат „рускиот свет“ и ќе го расчистуваат угледот на Руската Федерација, која води неиспровоцирана војна против Украина. Во пракса, тие се дел од целокупната структура на идеолошко, политичко, економско, религиозно и културно влијание со централизиран систем на управување од Москва“, пишува во публикацијата EU Political Report. Статијата потсетува и дека на основањето на меѓународното движење на 14 март, во руската престолнина присуствуваа и актерот Стивен Сегал, внукот на Шарл де Гол – Пјер де Гол и други.
Но, зошто Бугарија е избрана за ваков настан?
Можеби затоа што Русија ѝ треба поддршката од земјите од Европската Унија, а во Бугарија процентот на поддржувачи на руската политика е најголем меѓу земјите на ЕУ. Според едно социолошко истражување, токму кај нас е најголем процентот на европски граѓани кои се противат на санкциите против Москва поради Украина. Само 22 отсто од граѓаните силно ги одобруваат. Во преостанатите земји од Унијата, отпорот против Русија достигнува 51 отсто.
/Фактор.бг
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука
