Еве година и половина откако СПЦ издаде Томос за автокефалност, а МПЦ-ОА влезе во приказната дека е автокефална црква и полека, но сигурно, се откажува од канонскиот пат за нејзино целосно прифаќање во православната екумена, како вистинска, автокефална помесна црква. Работите наместо да одат во вистински правец, се движат кон верификација на фактичката состојба дека МПЦ-ОА станува се појасен приврзок на рускиот православен свет, црковно-политичка идеологија, која сосема сигурно за извесно време ќе заврши како ерес, осуден од најголемиот број помесни православни цркви.

Какви последици тоа ќе има за МПЦ-ОА се чини дека никому во Синодот не му е важно. Нашите владици сега се во филмот дека се најважните во Православието… Околу нив се врти светот штом толку многу ги милува Црковна Москва, онаа која треба да го спаси македонскиот идентитет.

Но, паралелно додека македонските владици од Синодот живеат во филмот да служат и сослужуваат со Српскиот патријарх, гордо живеејќи ја лажната автокефалност, пропуштаат да ја погледнат реалноста со која МПЦ-ОА се соочува. А таа ни малку не е за ставање под тепих.

Во Осоговскиот манастир завчера дојде српскиот патријарх и тој лично откри (внимавајте) дека дошол на покана на Митрополитот Кумановско-осоговски Григориј. Не на покана на Архиепископот Стефан, туку на покана на митрополит. Каде и во која црква се видело и чуло дека митрополит може да кани поглавар на друга црква да служи? Добро што Григориј имал доблест да го покани и Архиепископот Стефан, а веројатно и неморал. Каква е таа дезоринтираност во МПЦ-ОА? Што е Григориј во таа црква? Господ? Архиепископ? Кој всушност управува со МПЦ-ОА изминатава година и половина? Има ли во тој Синод некој што може барем да постави правашње, да праша кој е Архиепископ?

Ја видел ли некој фотографијата по литургијата на која се двајца министри од владата лево и десно од Патријархот Порфириј, кој има централна позиција, а Стефан таму негде лево како обичен владика. Размислува ли некој во таа црква кој и какви пораки испраќа? Што бараат двајцата министри да се сликаат околу Патријархот, а не околу Архиепископот? Има ли таму некој што разбира елементарни правила на протокол? Порфириј е дома, или на гости? Тој е српски патријарх, или и македонски? Што сме ние Автокефална црква во Српската патријаршија?

Има еден интересен момент од службата во Осоговски. Чудно, но ова е прв пат Српскиот патријарх да служи во Македонија, а да не се присутни владици од поранешната ПОА. Можеби е случајност, можеби Григориј не ги поканил, а можеби е нешто сосема друго.

Во договорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ интегрирањето на ПОА во МПЦ-ОА беше клучно прашање. Една година подоцна тоа прашање за јавноста е затворено. Но, за внатрешните прилики во МПЦ-ОА е повеќе од отворено.

Јавноста на пример не знае дека инаугурацијата на Јоаким Дељадровски е одложена. Зошто? МПЦ-ОА молчи.

Јавноста на пример не знае дека две села во делчевско, поприлично големи, организираат бојкот и напуштање на МПЦ-ОА на денот на инагурацијата на Марко Делчевски. Што направила МПЦ-ОА да го реши тој проблем? Ништо, напротив одредени лица од црквата дополнително ја подгреваат тензијата.

Јавноста на пример не знае дека викарниот епископ на Архиепископот се уште не се видел со Архиепископот. Зошто?

Јавноста на пример не знае дека Уставот на МПЦ-ОА не препознава епископско управување на епархии, освен Митрополитско. А Јоаким и Марко имаат титули на Епископи управители на епархии.

Синодот на МПЦ-ОА им додели епархии на тројца владици од ПОА, кои практично не постојат во Уставот на МПЦ-ОА. Јован, Марко и Јоаким се владици на непостоечки епархии? За да можат да функционираат во правниот систем на државата, тие мора да бидат правни субјекти запишани во централниот регистар на државата. А за да бидат запишани, треба да бидат дел од Уставот на МПЦ-ОА, како документ по кој функционира црквата во државата. Како овие три епархии ќе се финансираат, ако не се регистрирани правни субјекти?

Дополнително, кој се од овие владици по Устав има право да биде член на Синодот во полн состав? Впрочем, кога Синодот во полн состав ќе заседава за да расчисти одредени дилеми.

Пред МПЦ-ОА има многу сериозни прашања, но очигледно за владиците „домородци“ тоа и не е некаков проблем. Дали е предизвик за „дојденците“, веројатно ќе покаже времето…

Преземено од religija.mk

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO