Хрватскиот писател Aнтун Густав Матош видел како една жена тепа свое дете на улица, па ја укорил жената дека тоа може да остави долгорочни последици кај детето. „Па и мене ме тепаа миоте кога бев мала“ -рекла таа! „Епа се гледа дека имате последици“ – заклучил Матош.

Нападот на Русија врз Украина не само што преврте многу сегменти од EУ секојдневие, туку и ја продлабочи балканската недоверба кон ЕУ! Брисел, со години Запеден Балкан го хранеше со празна лажичка. Иако меѓувремено многу што се смени во Европа и светот, состојбата на земјите на Западен Балкан продолжи да талка! А тоа уште повеќе им оди на прилог на коруптивните елити, кои не сакаат во ЕУ оти таа никогаш не простува висока корупција. А овдешни елити се до гуша во корупција, благодарејќи на милиони луѓе кои се соучесници со нивното молчење и гласање.

Пред две години беше оддржана една регионална конференција во Белград, поддржана од амбасадата на САД. „Без дилема дека на прашањето за тоа каде геополитички треба да припадне Западен Балкан, одговорот е на Запад. Но, штом Западот го запоставува Балкан, овој простор бива пополнет од други земји, најмногу од Русија и Кина, кои можат сериозно да го уништат и ова малку што е постигнато“- се вели во заклучоците на конференцијата.

Неефикасноста на Европската унија во однос на Западен Балкан направи Русија и Кина да влезат на голема врата во срцето на овај регион. Токму поради тоа, балканскиот регион веќе стана бојно поле на хибриден конфликт меѓу Запад од една страна и Русија и Кина од друга страна. Наеднаш, тука проблемот е и културолошки оти живееме во услови кога свесноста на поединцот се гази од несвесноста кај масите.

До украинската војна, американската надворешна политика не беше фокусирана кон Западен Балкан. Фокусот на американската надворешна политика беше првенствено кон Азија и Пацификот – односите со Кина и американските стратешки партнери во овие региони – Индија, Јапонија, Јужна Кореја и Австралија и земјите од Југоисточна Азија.

САД и ЕУ направија круцијална грешка што овај регион го оставија без здрав и функционален систем, така што сега регионални држави живеат со организираниот криминал и високата корупција кои полека но сигурно стануваат истовремено и култура и хронично заболувања кај овие општества. Секое здраво ткиво во овие држави има краток живот оти треба да се борат со систем кај што победникот се знае однапред. За жал, често пати ЕУ и САД ги толерирале автократски и коруптивните тенденции кај некои балкански лидери, па нивната „непроменлива“ позиција на политичката сцена стана долга, и тоа беше видливо во Црна Гора, Србија, Севрна Македонија и Косово. Тие цело време глумеа прозападност, а дејствуваа происточно, оти автократите природно припаѓаат Исток. Тие елити цело време импровизирале вестеризам. Таквата состојба на нештата на глобално ниво можеби е мал, но сепак значаен тест за принципите на европската и американската политичка ориентација, дека демократијата треба да се брани од авторитаризам, популизмот, корупција и непазарни бизнис модели. Погрешно се покажало дека доволно е да нахраните неколку усти за да имаат мир за милиони луѓе. Тоа е само кредитирање време со високи и опасни камати. Кога и да е, доаѓа времето кога луѓето ќе почнат да покажуваат заби наместо разбирање.

Сега слушаме западни поплаки дека милиони странски пари беа фрлени за реформи кои повеќе наликуваат на деформи!? Па тие требаше да знаат, а вероватно и знаеле кому даваат пари. На волкот не му се дават овци за чување! Јавна тајна е дека бројни фондови одвоени за невладин и владин сектор во голема мера беа корупција. Потоа, колку сакате можете да викате и плачете како толку пари а нигде резултати!? Кога западњаците би сакале вистински резултати, работата е сосема проста. Потребни се петмина нивни експерти од доверба за тоа како се прават закони и институционални структури за функционирање на системот, и петмина други за тоа како да се спроведуваат законите. Еден поранешен скандинавски дипломат кој служел кај нас, во една прилика кажа дека и кај нив, кога не би постоеле јасни правила за мерит-систем во сите пори, корупцијата би цветела“!

Грешка е подолг период да се игра на факторот стабилократија, оти толерирањето на корупцијата и газењето по мерит-системот сама по себе продуцира нефункционалност, сиромаштија и општа дестабилизација. Туку потребно е со сите сили воведување демократски систем. Пример е Албанија, каде што СПАК (Специјална антикорупциска структура), во тесна соработка со ФБИ, на сите тамошни функционери им втера страв до коски. Можеби по 32 години во Албанија, во екот на висок зулум се појави СПАК, гилотина, што отсече глави на 16 поранешни и сегашни високи функционери (министри, пратеници и други функционери) завршија во затвор. Сега законот и редот веќе е видив. А зошто тоа не можело кај нас?! Никој не се сомнува дека ќе имаше широка поддршка. Само здрав систем може да биде прозападен систем, се друго си е само „лук и вода“. При услови на здрава вода и глупавиот плива, а во валкана вода и паметниот тоне.

САД не се свесни колку овдешни корумпирани политичари се плашат од нив. Но, овие последниве ја научија лекцијата. Ќе уфрлат две три изјави што асоцираат на дестабилизација и непожелното се стопира. А сето тоа е толку празно оти поддршката за такво нешто е околу нулата. Џабе американската амбасадорка стана „збунета“ поради шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кога него мува не го лази. Џабе „црни листи“ кога Судскиот совет не гледа нерегуларност! Крајно е време американците да ја свртат плочата и да го прават тоа што го прават во Албанија. За да натерате некого да ви подарува убави рози, треба да го натерате да гази по остри трња.

ВМРО игра опасна игра!

Здодевниот рефрен за „бугарски диктат“ претставува голема опасност за државата, но и мирот во целиот регион. Можеби, некој намерно го има лансирано таквото бугарско оружје за уништување на македонскиот и регионалниот мир. Самиот факт што тоа е лансирано од проруски служби во Бугарија – не треба многу ум за да се насети дека целта е токму тоа. Дестабилизација на регионот. Македониај загуби 30 години со името, а веројатно уште толку ќе и требаат со „бугарите“. Тоа е цел човечки живот. Самите моќни држави нивните крупни проблеми ги решаваат со компромис, а ние како „велесила“ никого не фермаме! Ниту нашите создаватели! Ако вака се продолжува, можно е странските актери кои ја создале Македонија, да отажат од напорите истата да ја спасат од самоубивство. Никој нема толку трпение да спасува некого што цело време има такви намери. А на бројни регионални сајбер волци не им е важно што овците мислат за нив.

ЕУ има вина што целата источна Европа со брз воз ја прими , а Западен Балкан го паркирала на споредни зарѓани колосеци, несвесни дека дивиот капитализам носи див индивидуализам, а овој агресивизам…

Мицкоски деновиве параноично лансираше теории на заговори како тоа Запад има планови за да ја „крши“ ВМРО! А таа партија не е свесна во какви авантури се впушта додека за ефтини поени директно ги предизвикува ЕУ и САД, но и целиот регион. Нивна реторика не е сменета од 1991 година. Сега ќе барале потпишувања изјави и давања заклетви за коалиционите партнери што на најсуров начин го урива главниот столб на државата. Тие, ако дојдат во позиција треба да бараат владеење на правото за сите и ништо повеќе, казнувајќи ги сите кои биле огрешени со криминал, вклучително и за поранешното вмровско водство. Поинаку, кога ќе посакувате да го закопате во земја само другиот национализам, брзо ќе видите дека сте закопале во земјата опасно семе. Изгледа едни сеуште имаат последици од 1991 година!

Пишува: Мерсел Биљали

Преземено од libertas.mk

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO