И Петар Стојанов и Жељу Жељев беа коректив на власта и спасители на државата во тешки кризи. Румен Радев не е таков- тој е уривач на законската власт кој ја дестабилизира Бугарија, пишува Веселин Стојнев за бугарската редакција на ДВ.

Претседателот Румен Радев се поостро и смислено се декларира како фронтмен на опозицијата против владата. Мотивацијата за ова може да биде сложена, од жед за реваншизам по губењето на огромната неконтролирана моќ преку привремените влади, до посветеноста на заветите на генералот на КГБ Леонид Решетников, посочуван како покровител на неговата претседателска номинација. Решетников уште во 2016 година во едно интервју изјави дека Радев може да одигра извонредна улога во процесот на одвлекување на Бугарија од НАТО и ЕУ.

Прашањето е, сепак, со какви ресурси располага Радев за да ги оствари своите амбиции и задачите кои му се поставени.

Радев не е како Желев и Стојанов

Можноста претседателот да биде опозиција на владата е вградена во самиот устав – со тоа што тој е избран директно од народот, не од парламентот, и има огромен легитимитет, но со ограничени овластувања (ако не ја сметате двегодишната политичка криза во која овие овластувања се покажаа доста големи). Кога претседателот не е дел од владејачкото мнозинство, самиот се оттргнал од него или е отфрлен, тоа речиси неизбежно води до тежок меѓуинституционален конфликт. Жељу Желев беше првиот што се соочи со своите колеги од СДС во 1992 година, а Петар Стојанов на самиот почеток на својот мандат го спречи повторното владеење на социјалистите по крахот на Жан Виденов. Се надева ли Румен Радев дека ќе биде третиот што ќе ја урне владата?

Сепак, аналогиите со неговите претходници се илузорни. Желев не го урна Филип Димитров со аферата „Бојански Ливади“, тоа беше долг период на конфронтација со власта која брзо ја стеснуваше нејзината социјална и политичка база. И таа влада се урниса самата со барањето да се гласа за доверба, иако самиот Желев три пати се обиде да го одврати премиерот од тоа. Дополнително, Желев беше неприкосновен авторитет како татко на демократската опозиција и зад себе имаше 800.000 гласови повеќе од оние на СДС. Додека Радев ненадејно се појави во политиката и со крената тупаница доведе во заблуда десетици илјади гласачи од актуелната администрација за да го изберат за втор мандат.

На почетокот на 1997 година, кога Бугарија беше на работ на граѓанска војна со банкротирана држава и изгладнето население, чекорите на претседателот Петар Стојанов на работ на уставот со вратениот мандат на Николај Добрев, ја спасија земјата од бездна. Додека Румен Радев во услови на тешка геополитичка спротивставеност се обидува да ја оддалечи Бугарија од нејзиниот „цивилизациски избор“, чиј кум и лице беше Петар Стојанов.

И Стојанов и Желев ја исполнија улогата на коректив на власта и спасители на државата во тешки кризи, што е уставна вокација на шефот на државата. Радев не е ниту коректор, ниту спасител – тој е уништувач на легитимната власт и дестабилизатор на државата. Уште од полагањето заклетва на кабинетот на Денков, на која тоа воопшто не присуствуваше, генералот- претседател буквално ја проколна новата влада. И не застана тука – почна да создава тешки политички поделби во општеството.

Потоа, Радев се прогласи за единствен знаменосец на патриотизмот и јавно ги искритикува сите оние кои не го одобруваа столбот на Рожен (стометарски столб на Родопите на кој е поставено бугарското знаме, н.з) и Трети март како национален празник. Дополнително, тој прогласи некакво народно движење против „предавниците“ и сугерираше дека таква Европа не ни треба. Така, Радев ја поведе Петтата колона на „Преродба “, БСП, „Левица“ и русофилските организации за да ја исполни значајната улога на оттргнување на Бугарија од ЕУ и НАТО, што му ја додели Решетников.

Петтата колона ги губи ресурсите за влијание

Откако петтоколонашите и нивните ментори ја загубија политичката моќ со новата прозападна влада, сега ја губат и економската моќ. Прекината е гасната зависност од Русија, која Радев на сите начини се обидуваше да ја спаси, вклучително и со договорот со „Боташ“. Во последна фаза е и ставањето крај на нуклеарната зависност со продажбата на реакторите за „Белене“ на Украина, како и на зависноста од нафта – откако државата ќе ја врати контролата врз пристаништето Росенец, а наскоро веројатно ќе ја преземе и контролата над „Лукоил Нефтохим Бургас“ или Лукоил ќе биде принуден да ја продаде рафинеријата.

Останува уште само битката за историските симболи, која владетелите ја започнаа со иницијатива Трети март повеќе да не биде национален празник, а Споменикот на советската армија да се отстрани од центарот на Софија. Но, енергијата за обете иницијативи згасна – решителните дејствија за споменикот беа прекинати, а иницијативата за празникот потона во молк.

Радев ја виде ширум отворената слаба точка и удри токму таму. Маса Бугари не ја познаваат сопствената историја, затоа што ја знаат само од училишните учебници во социјализмот и не само што немаат љубопитност да прочитаат нешто поинакво, туку секое отстапување од оваа „норма“ го сметаат за богохулство. Тие не ги сакаат Русите толку колку силната деспотска држава – како и самите Руси, кои меѓу нивните државни раководители најмногу го сакаат сатрапот Сталин, наспротив големите за империјата Петар Први и Екатерина Втора.

И ако во оваа смисла дури е оправдано да не се прави разлика меѓу рускиот народ, Руската империја и советската империја, воопшто не е оправдано да не се прави разлика меѓу руски и бугарски интереси – и порано и сега.

Ќе ја преспие ли владата и битката за минатото?

Откако владата ја преспа полемиката за иднината- за еврозоната, сега ја преспива и дебатата за минатото- за националното достоинство. Ако противникот на првата е масовниот страв од незнаење, на втората е масовното милитантно незнаење. Едната се надминува со насилен скок, другата со исцрпувачко просветлување додека се води рововска војна. Затоа што ако влеземе во еврозоната, по половина година скептиците ќе заборават дека беа против тоа. Но, ако го отстраниме советскиот споменик и го смениме националниот празник, илјадници уште со години ќе ги сакаат и ќе ги слават.

Затоа, оној кој започнал борба, мора да ја води до крај и на сите фронтови. Енергијата и одбраната може брзо да се вратат со парламентарно мнозинство. Но, тоа е немоќно во битката за минатото. И тоа воопшто не е за потценување, бидејќи има потенцијал да предизвика експлозија во општеството одвнатре. Слободан Милошевиќ ја презеде власта по неговиот говор на Косово поле и ја доведе својата земја во братоубиствени војни. Решетников и Радевци сигурно веќе го почувствувале бугарското Косово поле. Дали владата ќе дозволи Румен Радев да го прескокне Костадин Костадинов (лидерот на Преродба, н.з.) и да стане бугарскиот Милошевиќ?

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO